Опозициската партија Левица поднесе амандмани на Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, предложен од пратеници од ДПМНЕ, со цел заострување на казнената политика за делата поврзани со злоупотреба на службената положба и несовесно работење во службата.
Од партијата оценуваат дека најавените законски измени се обид за козметичка санација на штетните измени од 2023 година, за кои, како што велат, ДПМНЕ обезбедила кворум, а со кои застареале над 80 судски предмети и биле амнестирани функционери. Наместо вистинско заострување, според Левица, со новиот текст се олеснува казнената политика и се намалува обемот на одговорност, што отвора простор за поблаги санкции и побрзо застарување на делата.
„Со предложените измени од ДПМНЕ се создава правна рамка што овозможува условни казни и релативизирање на најтешките форми на корупција“, предупредуваат од Левица.
Поднесените амандмани, како што посочуваат, се во согласност со укажувањата на Уставниот суд и имаат за цел враќање на строгиот пристап кон коруптивните кривични дела, особено кога се работи за функционери и службени лица.
Левица предлага зголемување на казните за злоупотреба при јавни набавки, враќање на старата одредба што ги опфаќа сите форми на злоупотреба во овој процес, како и задолжително одземање на противправно стекнатата имотна корист.
За делото „несовесно работење во службата“, партијата предлага одговорност да сносат и министрите, директорите и раководните службени лица, како и можност за казнување и во случаи на небрежност, што не е предвидено во предлогот на ДПМНЕ.
Од Левица апелираат до пратениците на утрешната комисиска седница да ги поддржат амандманите, нагласувајќи дека јавноста е длабоко разочарана од неказнивоста на високата корупција.
„Секое одложување и попуштање ја продлабочува недовербата во правниот систем и ја легитимира злоупотребата на службената положба“, порачуваат од партијата.
Следи го Антропол преку Google 
