Левица: Минималната синдикална кошничка расте, а најниската плата стои – граѓаните турнати во економско преживување

Минималната синдикална кошничка за јануари 2026 година е зголемена за 921 денар и сега изнесува 66.413 денари, соопштија од Левица, оценувајќи дека најновите податоци ја потврдуваат сериозната економска нестабилност и падот на животниот стандард во државата.

Од партијата предупредуваат дека растот на трошоците за живот, наспроти стагнацијата на најниската плата, создава драматичен јаз меѓу приходите и основните животни потреби. Особено загрижувачки, како што велат, е фактот што трошоците за основна исхрана учествуваат со над 36 проценти во вкупните месечни расходи на едно четиричлено семејство.

Според партијата, ваквата структура на трошоците ја турка Македонија кон модел на сиромашна економија, во која најголемиот дел од приходите се трошат за елементарна егзистенција, а не за образование, здравје, развој и достоинствен живот. Во исто време, ја критикуваат Владата дека ја избегнува суштинската дебата за платите и свесно го префрла товарот на инфлацијата врз грбот на работниците, додека капиталот и профитите остануваат заштитени.

Во однос на најавите за владина потрошувачка кошничка, од Левица предупредуваат дека таа не смее да се користи како алиби за релативизирање на реалната состојба.

Левица потенцира дека платите не се трошок, туку клучен двигател на економскиот раст и дека општество со ниски плати и високи цени неминовно води кон масовно иселување, демографски пад и економска стагнација.

Оттаму повторно го актуелизираат барањето за минимална плата од 600 до 700 евра, оценувајќи дека тоа не е радикално, туку неопходно и рационално решение.

Може да ве интересира