(Видео) Мециновиќ до Божиновска: Дали свесно го уривате ЕСМ за да го приватизирате?

Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, на денешната собраниска седница за пратенички прашања упати низа критики кон министерката за енергетика Сања Божиновска, посочувајќи на зголемениот долг на ЕСМ и континуираното поскапување на електричната енергија.

Мециновиќ праша колкав е точниот долг на ЕСМ, наведувајќи дека од 183 милиони евра пред една година, тој денес достигнал околу 250 милиони евра. Тој побара објаснување што Министерството презело во изминатиот период за да се спречи зголемувањето на долгот.

Во своето излагање, пратеникот оцени дека ваквиот тренд отвора сомнежи за „контролиран крах“ на државната енергетска компанија и праша дали Владата планира нејзина приватизација, нагласувајќи дека станува збор за историски највисок долг на јавен државен капацитет.

Мециновиќ ја критикуваше и, како што рече, тишината на министерката при секое ново покачување на цената на струјата, истакнувајќи дека јавноста информации добива исклучиво од претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски. Според него, од актуелната состојба корист има само ЕВН, додека ЕСМ и граѓаните трпат загуби.

На крајот, Мециновиќ порача дека е неопходно оспособување на ЕСМ за да може реално да му конкурира на ЕВН Хоум, оценувајќи дека само така може да се обезбеди социјално прифатлива цена на електричната енергија и да се ублажи енергетската сиромаштија кај граѓаните.