Американскиот претседател Доналд Трамп објави приватни пораки разменети со францускиот претседател Емануел Макрон, потег што во дипломатските кругови беше оценет како понижувачки и невообичаен за меѓудржавната комуникација меѓу сојузници.
Во пораките, кои Трамп ги сподели јавно, Макрон изразува согласност со американските позиции за Сирија и наведува дека постои можност за „големи работи“ во односите со Иран. Истовремено, францускиот претседател покажува недоразбирање за американските активности околу Гренланд, порачувајќи: „Не разбирам што правиш на Гренланд, ајде да се обидеме да изградиме големи работи.“
Во една од пораките, Макрон предлага и конкретни дипломатски иницијативи, меѓу кои организирање состанок на Г7 по завршувањето на форумот во Давос, што би се одржал во Париз, со можност на состанокот како набљудувачи да бидат поканети претставници на Украина, Данска, Сирија и Русија. Дополнително, Макрон предлага и заедничка вечера во Париз пред враќањето на Трамп во САД.
Објавувањето на ваква приватна кореспонденција предизвика реакции и критики, особено поради нарушување на довербата во дипломатската комуникација. Аналитичарите предупредуваат дека ваквиот потег може да има последици врз односите меѓу Вашингтон и Париз, но и пошироко во рамки на трансатлантските односи.
Од француската страна засега нема официјална реакција, но дипломатски извори за медиумите оценуваат дека ваквото јавно изложување на лична комуникација меѓу шефови на држави претставува сериозен преседан.

Следи го Антропол преку Google 
