Отворање на изложбата „Глаголички Откровенија“ во петок во КИЦ

Во Културно Информативниот Центар – Скопје, на 23 Јануари – Петок со почеток од 19 часот ќе се отвори „Глаголички Откровенија“ самостојна изложба на македонскиот современ уметник Томе Даневски.

Преку 27 дела изработени во масло и акрил на платно, Даневски ја истражува древната глаголица како културен, емоционален и метафизички код — мост меѓу видливото и невидливото, минатото и иднината, човековото и божественото.

За прв пат во Македонија, секое дело содржи аудио QR-код, преку кој посетителите можат да ја слушнат личната интерпретација на авторот, претворајќи ја изложбата во мултисензорно искуство.
Настанот вклучува и преведување на знаковен јазик, а просторот е целосно пристапен за лица кои користат инвалидска количка, што ја прави изложбата достапна и инклузивна за сите.

Изложбата е дел од проектот “Под исто платно: Инклузија низ уметноста“, активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
Проектот „Под исто платно“ се реализира од Abilitist и ZETA во соработка со три индивидуални уметници. Со обединување на уметници со и без попреченост, проектот создава простор за рамноправно учество во културата преку заеднички работилници, менторства и изложби. Преку креативна соработка, проектот ги руши стигмите, ги отвора институциите кон инклузија и го трансформира начинот на кој општеството ја доживува уметноста и различностите.