На 3 февруари 2026 година (вторник), со почеток во 19:30 часот, Битола ќе биде домаќин на исклучителна гала вечер посветена на богатото културно наследство и современата уметност на Кина.
Настанот е дел од европската турнеја „Кина низ културата: Прекрасниот Сичуан“, која симболизира продлабочување на културното пријателство меѓу Кина и Македонија.
Во рамки на програмата, публиката ќе има можност да ужива во сичуанска и пекиншка опера, народна музика, традиционален и современ танц, боречки вештини, акробатски изведби и легендарната уметност на менување лица.
Програмата ќе ја изведуваат реномираниот Сичуански оперски ансамбл, Универзитетот за уметности од Ченгду, со учество на специјалните гости од Театарот „Џингџу“ – Пекинг. Под водство на уметничкиот директор Чен Џилин.
Оваа визуелна и музичка гозба ги спојува традиционалните и модерните форми на кинеската уметност. На сцената ќе оживеат Пекиншката и Сичуанската опера, народните митови и легенди, како и спектакуларни изведби инспирирани од делата „Четирите легендарни убавици“, „Златниот мајмун ја пречекува пролетта“, танцот „Кои Карп“, како и магичната уметност на менување лица.
Претставата комбинира врвна изведбена техника, сценска естетика и современа креативност, создавајќи незаборавно доживување за сите сетила.
Влезот е бесплатен, со задолжителна претходна резервација – електронски или со подигнување билети од билетарница.
Влезниците ќе бидат достапни од денес, 21 јануари, во 10:00 часот, кога ќе започне и електронската резервација преку официјален линк.


Следи го Антропол преку Google 
