Зетот на Меџити назначен за директор на Стокови резерви – остана ли роднина на Меџити што не е на раководна функција, прашаа од Левица

Најновото именување на зетот на Изет Меџити, Бесим Кока, за директор на Агенцијата за стокови резерви, е уште една коцка во мозаикот на отворен, дрзок и системски непотизам што го практикува актуелната власт на ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ, обвинија од партијата

Претходно, прв братучед на поранешниот прв вицепремиер, а актуелен градоначалник, Меџити, беше поставен за директор на Мепсо. Друг негов братучед за директор на Номагас, а сега и зетот добива раководна позиција во стратешка државна институција, потсетија од Левица

Институциите се претвораат во фамилијарна мрежа, а државата во приватен имот на политичко-роднински клан. Се поставува прашањето дали воопшто некоја роднина на Меџити остана “дискриминирана“, односно без раководна функција. прашаа од партијата

Мицкоски не само што функционира со кадри на ДУИ, туку ги практикува и со засилено темпо го надградува клановско владеење, клиентализмот и распределбата на функциите како партиско-семејни привилегии.

За година и пол владеење, листата на непотистички и клиентелистички скандали на оваа власт веќе е пеедолга за набројување. Очигледно, времето за реформи им е кратко, но времето за плетење семејно-партиски мрежи – повеќе од доволно, констатираа од Левица.

Пораката кон јавноста е понижувачка. Според оваа власт, од цела Македонија најспособни се токму роднините и апологетите на владејачката коалиција. Сите други, младите инженери, економисти, правници, лекари – се вишок, статистика, бројка во колоната на иселени. Тие си заминуваат не затоа што нема работа, туку затоа што однапред знаат дека системот не е наштиман за нив, дека вратите се отворени само за оние со соодветна крвна врска и потребна партиска линија, соопштија од партијата.