Ванковска: Како (о)станав левичар

  • Став на Билјана Ванковска, доктор на политички науки.

Можеби насловот на овој текст ќе ве асоцира веднаш на еден силен текст напишан пред многу години од сегашниот лидер на Левица, Димитар Апасиев. Тој пишуваше како и во кои услови станал левичар, т.е. се одлучил за левичарска борба. И тоа беше моќен крик на еден млад човек. Јас сум левичар кој одолеал на сите тразициски акробатики, дури и по цена да ме наречат фосил (или уште полошо), но сега во длабока зрела возраст се преиспитува себе си. Зотшо? Затоа што полека сфаќам колку сум заостанала во сето она што на левиот спектар, вистинскиот, оној од т.н. Глобалниот југ го создал и како теорија и како пракса.

Останав на ниво на југословенскиот социјализам, па сега се чувствувам како ученик повторувач, кој мора да направи два чекори назад, за да тргне еден. И учам, учам, се освестувам буквално секојдневно. Како да стасува „инфузија“ на револуционерна мисла, елан и жар од сите страни на светот. Последниве години, колку што Македонија свртува/ше кон Запад, јас толку се „враќав во иднината“, т.е. се поврзував со исомисленици и фасцинантни личности од Глобалниот југ. И таму се почувствував повеќе дома отколку што сум тука „дома“. Сега колку што повеќе расте восхитот за моите камаради од Индија, до Венецуела, Јужна Африка, Јужна Кореја, Виетнам, Мексико, толку повеќе ме вџашува овдешната безидејност, покорност, апатија, опортунизам. Знаеме дека ова не функционира, знаеме дека тонеме заедно со бродот (западен) на кој сме се фатиле, ама чувството е дека „нема друга алтернатива“.

Во рамки на мојата генерација, останавме толку малку доследни левичари по (како што велат) „падот на социјализмот“. Работата е што тоа е погрешна теза од самиот почеток: социјализмот е паднат, ама само во западниот дел од светот. Како да функционираат олигархии и плутократии, ако постојат успешни социјалистички системи? Тоа е проклетството на Куба и Венецуела, на пример. Со децении ги гушат и санкционираат за да не пркнат, иако се земји кои имаат потенцијал за многу повеќе. Се разбира, Кина е блескавиот пример на кој не му можат ништо, иако операцијата за ослабнување („ограничување“) се одвива без прекин преку постојани економско-воени притисоци.

Денес веќе ми е и тешко да се дефинирам, освен со генералната квалификација дека сум левичар. Не барајте подетално да се изјаснам, зошто ни самата не знам на која струја или школа ѝ припаѓам. Јас сè уште се барам, затоа што 35 години на невидлив притисок на западниот наратив и епистемологија сигурно извршиле промени и кај мене во однос на „онаа“ од пред пресвртот во 90-тите. Настаните кои се случуваа со распадот на Југославија беа од таква магнитуда што едвај и да имавме време за идеолошки дебати. Оптоварени со воени судири, омраза, стравови и грабежи – некако нечујно минавме во фаза на т.н. транзиција. Тоа, како што ни велеа менторите од Запад (кои веднаш нè прогласија за варвари и тоа за војна која тие ја предизвикаа во голема мерка), било премин кон вистинска демократија. Мнозина се престроија и веднаш ги зазедоа местата на тукушто откриени „борци за демократија и човекови права“, па дури и „либерали“. Не ни помислив да се вмешувам во политика токму затоа што мојата идеолошка база беше проскрибирана, демонизирана – и непостоечка.

Знам и сум читала за многу (главно советски и источноевропски) дисиденти, кои го минале животот лутајќи; разочарани од социјализмот и неговата деформација, би заминале на Запад да искусат вистинска слобода, а потоа се враќале назад уште поразочарани од она што го виделе таму. Во она време бев премлада за да доживеам улога на дисидент. Да бидам искрена, како потомок на вистинската работничка класа кој доби еднакви можности со своите способности да се искачи на скалило до научен работник без никакви врски и привилегии, немав никаков порив за отпор или разочараност од социјализмот. Но, изгледа не сум била свесна дека еден своевиден дисидент бил до мене и извршил големо влијание. Татко ми беше автодидакт без оформено образование, работник во печатницата на Нова Македонија (каква иронија, тоа е весникот за кој пишував колумни 25 години, а доживеав да ме цензурира заради критика на власта). Со гради полни испарувањата од оловото не неговата линитипка, понекогаш и преморен од ноќите на прекувремена работа, читаше филозофија, пишуваше поезија, но беше и активен во своите кругови, барем како критички глас. Тоа било до мерка во која еднаш (бев едвај 5-6 години) беше уапсен од тајната полиција за наводно ширење непријателска пропаганда. Тоа беше траума за семејството, но набргу беше пуштен без обвинение. Како што ни кажуваше, му било понудено да стане информант, но одбил толку решително што немале што да му прават, па го пуштиле. Остана досието но јас никогаш не го побарав да видам кој го „цинкарел“.

Додека студирав на Правниот факултет и на глас си ги раскажував лекциите за самоуправниот собраниски делегатски систем на СФРЈ, тој со искуство на советник во градското собрание (претставник на работничкиот комитет) ми велеше: од ова ништо не бидува, ќе пропадне овој нефункционален систем! Но, јас не му верував; моите учебници велеа дека Југославија е најблиску до идеалот на Париската комуна и живее во социјализам со човечки лик. Кога маршалот Тито беше на врвот на својата меѓународна слава (големата турнеја низ светот на бродот Галеб и фантастичните манифестации со кои беше дочекуван од Северна Кореја до не знам каде), татко ми мрмореше: наместо да гледа што се случува дома, тој се шета по светот! Мајка ми преплашена го прекоруваше да зборува потивко зошто ќе го уапсат (тој страв цел живот ја следеше и подоцна, кога истите зборови ми ги упатуваше и мене). Кога Тито почина јас искрено оплакував и со колегите од факултет отидов (без никој да ме тера) да одадам последна почит во Куќата на цвеќето каде е неговото почивалиште. Татко ми мрмореше повторно, како да знаеше дека следува нешто многу страшно. Почина неколку години подоцна и не виде дека сето она што го прогнозираше станало вистина, иако верувам дека и тој ќе беше шокиран од силата на насилството и омразата која како пожар се рашири низ земјата.

Но, покрај сè, тој никогаш не беше против левата идеологија, против марксизмот (кој тој го проучуваше надвор од школските книги, во домашни услови. Патем сите книги од тој жанр ги поседувам сега јас). Накусо, од моите родители не чув ни еден лош збор за нивниот (т.е. нашиот) живот како работничка класа, а уште помалку дека капитализмот е одговор на несовршеноста на југословенскиот социјализам. Од денешна позиција мислам дека тие беа доволно мудри да знаат дека кастата која се претстави како претставник на целиот пролетеријат всушност толку се оддалечи од работните луѓе и идеолошките извори, што стана социјалистичка буржоазија. Накусо, моите блиски го критикуваа системот и оние коишто го изневерија идеалот на социјализмот, грабаа привилегии додека папагалски повторуваа излитени фрази, додека светот се менуваше. Моите вистински учители во социјализмот гледаа вистинска еманципаторска иднина за своите деца, но и за целото општество.

Разбирливо, воспитана во духот на југословенството и социјализмот, и онака искрено и наивно како што знаат децата, ги сакав и едното и другото и верував во нив. Оттука и длабокото чувство на загуба и болка од 90-тите. Ја добивме (божем) независна Македонија, но таа ниту беше независна ниту социјално праведна. Воспоставена врз национална свест за самоопределување и одбивање да се учествува во војните („оаза на мирот“), но истовремено и врз криминална приватизација, погубни рецепти од Вашингтонскиот консензус, и сл., Македонија го загуби сето она што го имаше изградено во децениите претходно. Секој нов чекор кон т.н. европеизација значеше де-македонизација, губење на достоинството, слободата и правото да се биде свој на своето. Најлошо од сè, се роди нова класа на богаташи (со народното богатство украдено преку ноќ), компрадорска елита поточно, а народот беше осиромашен и понижен, зависен од трошките или коските кои ќе му ги фрлеа од трпезата. Во такви услови, всушност, израсна една генерација која себе се нарече „деца на транзицијата“, која ниту го беше искусила социјализмот, ниту видела некаков демократски прогрес. Постарите, слични на мене кои не станаа сончогледи („фосили на оној систем“), природно се споија со „децата на транзицијата“ како една можеби кревка, но сепак постоечка почва за левите идеи.

Во последниот период често патував и среќавав колеги професори и интелектуалци и од поранешниот Источен блок. Тоа донесе ново откровение. Отсекогаш сум знаела дека ние од поранешна Југославија живеевме поинаков живот (неретко на кредит и задолжувања кај ММФ) од останатите во источниот блок. Се чувствувавме слободни, горди, уникатни, достоинствени, па дури можеби и малку самобендисани – додека сè не се урна како кула од карти. Контакти со другите од бившите социјалистилки земји не сум имала многу, а тие со кои сум се среќавала веќе биле со „западен ум“, целосно трансформирани како Боргови. Никогаш не сум се сомневала дека нивните искуства се различни од нашите. Ние дури немавме ни „централа“ во Москва или Варшавски договор. Но, после сите девастации што ги донесе капитализмот, а во поново време и хиперимперијализмот и милитаризмот во Европа, некако бев убедена дека спомените за социјализмот ни се слични, барем меѓу оние кои ќе ги сретнев на конференции во Кина. Погрешив! Едвај и да останало нешто барем во вид на носталгија, ако не и јасна лева позиција. Всушност, не е ни за чудење, ако се види идеолошката сцена во нивните држави, кои дури и ги забрануваат со закон комунистичките и социјалистичките партии.

Сето ова го почувствував на една скорешна средба на повеќе колеги од централна и источна Европа. Во мојот јавен настап, а и во паузите, не криев дека сум левичар и дека кинескиот социјализам го гледам како инспирација за сите останати; не како модел, туку како поттик. Но, моите соговорници реагираа со збунетост, а некои дури и со жесток отпор кон споменувањето на доблестите на социјализмот. Еден романски колега на полушеговит, но пријателски начин, ми дошепна дека одамна не видел жив коминист (а се наоѓавме во Пекинг!!). Кога во еден неформален разговор се отвори темата за социјализмот како единствен излез од варваризмот, колешката од Албанија почна навистина вознемирено да зборува за траумите што ги носи од времето на социјализмот од нејзината земја. Најмногу разбирање наидов кај колега од Грција, кој истовремено ми честиташе на храброста да кажам некои работи што другите ги премолчуваа, но и кој ме препозна како идеолошки блиска личност. Да нагласам: човек кој не живеел и не искусил социјализам, а ми беше поблизок од некои кои имаа мешани чувства.

Сега онаа фамозна „Студена војна 2.0“ минува од геополитички ривалитет кон идеолошка нетрпеливост, кон сè што е лево. Фашизоидните тенденции не се ни кријат, социјалистичките и комунистичките партии се забрануваат повеќе или помалку насилно, а најлевата дозволена позиција е социјал-демократската (која веќе и самата не знае што е приближувајќи му се на либерализмот). Во вакви услови сфаќам дека за социјализам и за левичарство повеќе ќе научиме од т.н. Глобалниот југ, а најмногу од земјите кои страдаат од американскиот империјализам. Левичарството е во изумирање во нашиот дел на светот, што поради надворешните притисоци и опортунизмот, туку и поради незнаење и интелектуална мрзеливост. Всушност, ако погледнеме низ политичка призма (на резултати од политичка борба) Македонија е вистински пример на успешен раст на левицата (Левица). Но, имам чувство дека ни треба враќање кон теоријата која ја земавме здраво за готово и не ја ни почитувавме доволно, а особено треба учење и пиење од изворите на антиколонијалната критика. Нам ни треба една глобална „партиска школа“ на социјализмот (или комунизмот?).

Како до социјализам е веќе друга приказна. Многу потешка од првата, ама пак без идеолошко-теориска потпора и разбирање на светот не може да се тргне во негово менување. Пак се соочуваме со старите дилеми: дали е можен социјализам во една земја или е потребна глобална револуција? Некои ме нарекуваат „суверенист“ кога велам дека треба да се тргне од најниско, т.е. најблиско ниво, а потоа сите напори на камарадите ќе се здружат во размена на искуства и заедничка борба. Но, мојот „суверенизам“ е всушност патриотизам и борба за враќање на дигнитетот и на национално и на човечко ниво. Истовремено, ние сами не можеме затворени во меурот на сопствените битки и трауми. Ако само малку се поврземе со оние кои мислиме дека ни се далечни ќе сфатиме колку сме блиску од повикот од Комунистичкиот манифест за глобално обединување, за интернационализам. Чувствувам дека им должам огромна благодарност на моите камаради од неколку групи, од кои добивам и инспирација, но и охрабрување. Западот веќе не е извор на никакви вредности, најмалку левичарски. Топло препорачувам читање на новата книга на Габриел Рокхил, кој го раскринка т.н. Западен марскизам – или првенствено претставниците на познатата Франкфуртска школа. Меѓу нив и еден Маркузе, и многу други кои и јас сум ги сметала за светилници на марксистичката мисла. (Патем Рокхил направи такви бранување во левичарските кругови на западот што сега на површина се појавуваат вистинските ликови и се случува своевидно „прочистување“, кој е кој, и кој е навистина левичар или само профитер платен да го одржи статус квото на западниот империјализам но да му даде шмек на постоечко дисиденство).

Ние сме некаде на крстопат: помеѓу Западот (кој сега се редефенира дури и на левицата или поточно гради автентична левичарска мисла и пракса) и Истокот, кој е многу поразнобоен, поинспиративен, кој поттикнува и на размислување и на акција – без да наметнува еден модел кој пасува за сите. Јас почнав да правам листа на стари и нови книги, почниувам да студирам одново. Драго ми е што камарадите мислат дека и моите сознанија и искуства се вредни, и дека учат од нив – ако ништо друго, тогаш да не ги повторат нашите грешки.