Гренланд на шаховската табла на американскиот империјализам

  • Автор: Лоте Рертофт-Мадсен, претседателка на Данската комунистичка партија и поранешна главна уредничка на весникот Arbejderen.

На 14 јануари, неколку часа пред историската средба во Вашингтон меѓу претставници од Гренланд и Данска и нивните американски соговорници, Џ. Д. Венс и Марко Рубио, Данска и неколку нејзини сојузници во НАТО го засилија своето воено присуство во Гренланд и најавија дека ќе следат дополнителни засилувања.

Некои го протолкуваа овој потег како притисок врз администрацијата на Трамп пред средбата. Но, секој што е запознаен со политиката на НАТО и Данска ќе препознае дека попуштањето пред империјата е поверојатното објаснување.

На средбата во Вашингтон, САД повторно го истакнаа своето цврсто барање за „преземање на Гренланд“. „Јасно е дека претседателот сака да го освои Гренланд“, изјави данскиот министер за надворешни работи по средбата. Страните се договорија да формираат „работна група на високо ниво“ во обид да ја стават кризата под контрола.

Но кризата продолжува, и нејзините размери се огромни.

Реалноста е дека повеќе од една година, речиси 57.000 жители на Гренланд и нивниот огромен остров се претворени во предмет за пазарење – фигура што се поместува по желба на големата шаховска табла на американскиот империјализам.

Трамп повеќепати изјави дека САД сакаат да го контролираат и поседуваат Гренланд, по потреба и со воени средства. Брутално ефикасната агресија врз Венецуела на 3 јануари и киднапирањето на шефот на државата и неговата сопруга ги избришаа сите сомнежи дека администрацијата во Белата куќа е способна да ги спроведе зборовите на Трамп во дело.

Заканата е непосредна и силно се чувствува меѓу гренландскиот народ. Населението е стегнато во клешта, а политичарите на земјата мораат од час во час да се борат само за да добијат место на масата и да бидат слушнати – не само од САД, туку и од Данска.

Гренланд, или Калалит Нунаат, е населен веќе 4.500 години, а неговите жители се поврзани со инуитските заедници низ Арктикот. Тој е најголемиот остров во светот, со површина поголема од Франција, Германија, Шпанија, Велика Британија, Италија, Грција, Швајцарија и Белгија заедно. Станал данска колонија со формирањето на државната Кралска гренландска трговска компанија во 1774 година. Таа функционирала како де факто колонијална администрација сè до почетокот на 20 век, кога трговијата и управувањето биле раздвоени. Во тој период, дански компании експлоатирале различни минерали, вклучувајќи криолит, железо, цинк, олово и сребро.

Колонијалната ера формално завршила во 1953 година, но политичката еднаквост со Данска не следела. По референдум, во 1979 година било воведено т.н. домашно управување, кое во јуни 2009 година било заменето со сегашниот статус на самоуправа. Според тој модел, Гренланѓаните ги имаат правата врз подземните богатства и минералите на островот. Сепак, надворешната и безбедносната политика и понатаму се одлучуваат во Данска, поради што Гренланд се смета за територија на НАТО.

Гренланд не е членка на Европската унија. На референдум во 1982 година, 53 отсто од гренландскиот народ гласаа за напуштање на Европската економска заедница, денешната ЕУ. Денес, Гренланд е класифициран како една од прекуокеанските земји и територии на ЕУ.

Во 1951 година, таен договор меѓу американската влада и данскиот пратеник во САД дозволил американско воено присуство во Гренланд. Договорот бил исклучително контроверзен и во спротивност со официјалната данска политика во тоа време. Сепак, тој и денес е на сила и повеќепати е потврден. Во практика, им дава неограничени воени права на САД над Гренланд.

Така, со децении, САД одржуваат неколку воени објекти во Гренланд. Историјата на овие објекти вклучува присилни иселувања на инуитски семејства во 1953 година, пад на американски бомбардер Б-52 со четири атомски бомби во 1968 година и други штети нанесени врз локалното население.

Данската влада постојано изјавува дека Гренланд им припаѓа на Гренланѓаните и не е на продажба. Но во реалноста, Данска со децении го „продава“ Гренланд на САД. „Ние веќе денес имаме одбранбен договор меѓу Кралството и Соединетите Држави, кој им дава широк пристап на САД до Гренланд“, изјави данската премиерка во официјално соопштение оваа недела.

Ова го отвора прашањето: зошто администрацијата на Трамп бара анексија на Гренланд, кога американската империја веќе има огромни права таму? Одговорот лежи во новата безбедносна стратегија и барањето за неоспорна и неограничена контрола врз нафтата, минералите и воената доминација.

Гренланд поседува најмалку 25 од 34-те минерали што Европската комисија ги означува како „критични суровини“. Има значајни наоѓалишта на ретки земји, бакар, никел, цинк, злато, дијаманти, железна руда, титаниум, волфрам и ураниум. Трамп сака американските компании, од кои многу силно инвестираа во неговиот реизбор, да имаат неограничен пристап до овие ресурси.

Покрај тоа, географската положба на Гренланд во близина на Арктикот е од клучно значење. Контролата врз северните поморски рути, како Североисточниот премин, станува сè поважна со напредувањето на климатските промени. Целосно контролиран, милитаризиран и повторно вооружен Гренланд е замислен и како напредна база против Русија и Кина. Покрај можноста за супер-профити, стратешка цел и за САД и за Данска е да се држи социјалистичка Кина што подалеку од Гренланд.

До пред неколку години, Гренланд минуваше низ процес на самостојно одлучување и ослободување од неоколонијализам. Но сегашната ера на засилен империјализам што доаѓа од Белата куќа предизвика сериозен чекор назад во способноста на Гренланд сам да ја одредува својата судбина. Заканите и притисоците се огромни.

Затоа е исклучително важно да се зачува принципот на правото на самоопределување. Начинот на кој Гренланд ќе го организира своето општество, со кого ќе соработува и во какви сојузи ќе влегува за да го оствари своето самоопределување во пракса, треба да се одлучува исклучиво во Нук.

Овој текст е изработен од Globetrotter и No Cold War Perspectives.

Извор: No cold war