Став на Тодоровски Дарко – воен аналитичар, истражувач, докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација
Ова е нашата хемисфера – ние сме шерифот тука. САД под водство на Трамп ја покажаа својата подготвеност да ја спроведат на дело својата империјалистичка Национална безбедносна стратегија и зајакнатата верзија на Монроовата доктрина во Јужна Америка. Јужна Америка е приоритет за САД во глобалната конфронтација со НР Кина.
Воинствената, хегемонистичка реторика на Трамп, со која тој ја започна 2026 година, јасно стави до знаење дека Латиноамериканците не се рамноправни партнери за САД и дека привидот на дијалог под рамноправни услови е можен само ако владите на државите во Јужна Америка ја насочат земјата во насока што и одговара на Белата куќа, и слепо ги исполнуваат наредбите од Вашингтон.
Пристапот на Трамп е да ги искористи сите лостови на моќ што им се достапни на САД како резултат на хегемонијата што ја стекнаа во текот на изминатите децении за да ги остварат своите специфичните стратешки интереси. Трамп и Трампистите се фокусирани на материјална добивка и не се обидуваат да ги камуфлираат своите постапки со некакви маски на “демократијата, човекови права и вредности”.
Веќе може да се каже дека агресијата против Венецуела ќе има долгорочни последици за регионот и за глобалната конфронтација меѓу водечките светски сили, односно помеѓу САД и НР Кина. Брзиот начин на кој беше спроведена операцијата и итното повлекување на трупите од Венецуела потврдија дека САД навистина се плашат да не се заглават таму и да се соочат со непредвидлива реакција од локалното општество, или одредени сегменти од него, против американската окупација. САД не сакаат да ја повторат грешката со Афганистан и Ирак. Затоа САД се решија за комбинација од економски санкции, целосна поморска блокада и ограничена воена операција. САД по секоја цена ќе ја стават под контрола Венецуела и нејзината нафта. Тоа е прашање на време.
Операцијата на Трамп во Венецуела создава тактички и стратешки проблеми за Пекинг но и за Москва. Тактички: снабдување со нафта за Кина и кинески кредити. За Москва, исфрлање на руските нафтени компании, и губење на инвестиции во висина од 10 милијарди долари, и прекинување на воено-техничката соработка со Венецуела. Стратешки: удар врз иницијативите за надворешна политика на Си Џинпинг – од „заедница со заедничка иднина за човештвото“ до „глобално управување“, но и удар врз БРИКС. НР Кина и Русија губат бастион во Јужна Америка, преку кој ја проектираа својата политика во регионот.
Куба ја чекаат тешки времиња откако САД ќе ја претворат Венецуела во своја колонија. Куба ќе остане без дотациите со нафта од Венецуела, плус паричните средства од безбедносните договори со Венецуела. Доколку пред се НР Кина не и помогне на Куба економски, воено и дипломатски, Куба ја чека тешка економска и социјална криза. Покрај Куба, главни цели на САД се и Никарагва, Колумбија и Бразил. Во Куба и Никарагва САД ќе се обидат преку економски санкции и демонстрација на воена моќ да ги сменат левичарските влади.
За успехот на целата стратегија на Трамп во Јужна Америка клучни се претседателските избори во Бразил во октомври годинава, и претседателските избори во Колумбија во мај годинава. Ќе следи голема активност на САД против Лула до изборите. За Трамп е важно во Бразил да се врати Болсинаро или некој од неговите луѓе.
Но империјалистичката политика на САД во Јужна Америка создава и стратешки проблеми за САД. Во Јужна Америка од секогаш било високо антиамериканското расположение. Антиамериканското расположение порасна во Јужна Америка поради непромислената надворешна политика на Трамп и нејзиното специфично медиумско покривање од почетокот на неговиот втор мандат. Денес, Белата куќа создава услови американското расположение да се интензивира и да се разгори омразата кон империјалистичката политика на САД во регионот.
НР Кина која не се согласува со концептот на Јужна Америка како ексклузивна сфера на влијание за САД треба да биде подготвена за агресивната империјалистичка политика на САД во Јужна Америка, и да одговори на истата. Во текот на 20 век, САД беа убедливо најголемиот трговски партнер и инвеститор во Јужна Америка. Сега, таа позиција ја зазема НР Кина, која значително ја зголеми својата улога во Централна Америка. Затоа, државите во регионот имаат капацитет да се спротивстават на американскиот економски притисок, и ако Вашингтон се обиде да ги наруши се позначајните економски врски на овие земји со Кина, тоа ќе предизвика реакција што ќе ја поткопа или дури и ќе ја уништи американската сфера на влијание.
Како резултат на политиката на САД во регионот, следи дестабилизација на социо-политичкиот и економскиот живот во Јужна Америка и појава на левичарски групи кои ќе го предводат отпорот против САД. Под овие околности, потпирањето на хибридна конфронтација и асиметрични одговори за НР Кина преку неформални актери станува ветувачко. Медиумската, ресурсна и воената поддршка за партиите, групите, движењата кои што се против јастребските политики на Вашингтон не само што би можела да го попречи спроведувањето на отворено проамериканските политики од страна на локалните самоуправи, туку и да создаде тензии во самите САД. Најголеми противници на Трамп и на неговата империјалистичка надворешна политика во Јужна Америка ќе бидат демократите и невладините организации во САД. После победата на демократите на изборите за Конгресот во САД, тие на секој начин ќе ја блокираат надворешната политика на Трамп.
Јужна Америка, непокорниот континент на големите револуционери Симон Боливар, Хосе де Сан-Мартин, Емилијано Запата, Фидел Кастро, Че Гевара, повторно ќе се одважи и ќе го крене бајракот на борбата против империјалистичката политика на САД. На кратки стази можеби САД ќе остварат тактички придобивки, но на долги стази САД ќе доживеат стратешки пораз. Јужна Америка никогаш нема да биде под американска контрола и доминација.

