Вечерва почнува Вевчанскиот карневал, една од најстарите манифестации на Балканот

Традиционалниот Вевчански карневал, една од најстарите живи карневалски манифестации на Балканот, ќе се одржи на 12 и 13 јануари со централна карневалска поворка на 13 јануари од 13 часот кога во центарот на Вевчани ќе се сретнат карневалците од двете маала. Ова беше најавено вчера на прес-конференција во Скопје по повод годинашното издание на „Вевчански карневал 2026“, кое традиционално се одржува на празникот Свети Василиј Велики.

Организаторите најавија и богата музичка програма. Велерва (12 јануари) со почеток од 20 часот ќе се одржат концерти на популарна музика, на кои ќе настапат рап-дуото „Пука козметика“, „Влатко Лозаноски бенд“ и „Брас брадрс“.

На 13 јануари, исто така од 20 часот, ќе следуваат концерти на фолк-музика, со настапи на Благоја Грујовски, Влатко Миладиновски со оркестарот на Златко Миладиновски и Оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“. Музичката програма ќе заврши на полноќ со настап на Перо Бели и групата „Вип“, кои традиционално ќе ги испратат карневалците на изворите.

Вевчанскиот карневал, со традиција долга околу 1.400 години, претставува спој на пагански обичаи, христијанска традиција и современа сатира и има силна социјална и културна улога во заедницата. Карневалот симболично го означува преминот од старата во новата година и потребата од прочистување, обновување и нов почеток.