- Автор: Дарко Тодоровски – воен аналитичар и докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација
Во Иран веќе 12-ти ден траат протестите против властите како резултат на тешката економска и социјална положба. Протестите ескалираат и веќе имаат јасно изразена политичка цел, а тоа е рушење на власта во Техеран. Владините медиуми тврдат дека протестите се инспирирани од странско влијание, пред се САД и Израел, но и некои заливски монархии.
Иран во моментов се соочува со тешка економска и социјална криза, од недостаток на електрична енергија до криза со водоснабдувањето, девалвација на иранскиот реал од над 1 400 000 риали за еден долар што доведе до инфлација од 52%, а цените на храната се зголемија за две третини.
Политичката ситуација внатре во Иран од ден на ден се влошува и ескалира. Вчера имаше протести во 153 града. Интензитетот на протестите е помал од тој во 2009 или 2019 година. Властите целосно го исклучија интернетот во Иран, но Илон Маск овозможи интернет преку Старлинк во одредени делови на Иран. Иако протестите не се масовни, нема милиони на улицит (Иран е држава со 93 милиони население), но истите ескалираат и се шират, и демонстрантите напаѓаат државни институции, и објекти на Иранската Револуционерна Гарда, но и рушење на државните обележја, сквернавење на знамето и рушење на спомениците на видни иранци после иранската револуција. Судејќи според се, властите во Техеран полека ја губат контролата над ситуацијата во земјата.
Факт е дека протестите се како резултат на незадоволството на народот од тешките економски услови, но факт е дека САД и Израел преку свои луѓе и агентура имаат влијание врз развојот на протестите во Иран. Демонстрантите скандираат: „Ни Газа ниту Либан – ќе го дадам својот живот за Иран! Смрт на режимот!“
Овие протести се егзистенцијални за властите во Техеран, и откако единиците на БАСИЏ (паравоена доброволна милиција во рамките на Корпусот стражари на исламската револуција КСИР) не се справуваат со протестите, властите започнаа со распоредување на единици на КСИР (или иранска револуционерна гарда) и на шиитските милиции од Ирак. Дадена е наредба на КСИР за ставање на протестите под контрола по секоја цена. Истовремено во некои ирански градови се одржуваат собири во поддршка на властите.
Техеран полека станува најголемото жариште на протести, со 19 протести што избувнаа во различни делови од градот вчера. Трговците на пазарите се една од движечките сили на протестите ширум Иран, како и студентите. Протести на пазари се случија во најмалку 12 градови во последните 24 часа.
Ситуацијата е посебно сериозна во регионот Белуџистан и во регионите каде живеат курдите, каде што веќе има вооружени судири помеѓу демонстрантите и безбедносните сили. Плус протестите се шират и во регионот Ирански Азербејџан.
Безбедносните сили продолжуваат да користат огнено оружје за да ги потиснат протестите, со десетина инциденти пријавени во провинциите Техеран, Белуџистан, Фарс, Керманшах, Чахармахал и Бахтијари.
Од почетокот на протестите, уапсени се приближно 3 000 луѓе, а најмалку 50 се убиени. Властите ја потврдија смртта на пет припадници на безбедносните сили. Развојот на настаните внатре во Иран и во соседството на Иран во наредните 10 дена ќе биде круцијален за иднината на Иран.
Страницата на американскиот Стејт департмент на персиски јазик ги повикува демонстрантите да продолжат и покрај прекините на интернетот, а САД ја следат ситуацијата. Тие исто така го објавија повторно предупредувањето на Трамп до иранските власти да не ги допираат демонстрантите.
Развојот на ситуацијата во Иран во многу ќе зависи и од чекорите кои што ќе ги превземат САД и Израел. САД и Израел отворено ги поддржуваат протестите и изјавуваат дека нема да ги остават демонстрантите без помош. Во случај на американски и израелски воздушни напади против властите во Иран, и против КСИР, тогаш повеќе од сигурно е дека власта во Техеран ќе падне и Иран ќе влезе во турбулентен хаотичен период кој може да го дестабилизира целиот Блиски Исток. Можеби сме сведоци на раѓањето на Нов Блиски Исток.

