(Видео) Апасиев: Не може лекар да одговара за лекарска грешка, а судија да не одговара за непримена на право

Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев, на собраниска седница го критикуваше предложениот закон за судството оценувајќи дека станува збор за козметички, а не за суштински промен, кои нема да ја искорената корупцијата во правосудството.

Тој посочи дека во Македонија има околу 800 важечки закони кои создаваат „каша-попара“ во правниот систем, до степен што, како што рече, „и самите судии не знаат кои одредби важат, а кои се укинати“.

Според него клучниот проблем е што законот не го воведува изборот на најдобриот кандидат за судија како задолжителен критериум. „Ако сакаме објективни критериуми, има да воведеме првиот од ранг листата да мора да биде избран, да не зависи од волjата на овие во Советот“.

Апасиев предложи радикални резови како ограничување на мандадтот на судиите на девет години без можност за реизбор, воведување на објективни критериуми за автоматско разрешување како и укинување на фактичката неодговорност на судиите. „Не може лекар да одговара за лекарска грешка, а судијата да не одговара за незаконска примена на правото“.

Во своето излафање се задржа и на слободното судско уверување кое го нарече „системска корупција“.

Апасиев предупреди и на непостоење на антинепотистички механизми во правосудството и истакна дека цели апелациони подрачја се окупирани, од како што рече, фамилијарни кланови.

Како дополнителни системски слабости ги наведе заедничката обука на судии и обвинители, недостатокот на централна база на судиски одлуки, непостоење на јавни биографии на судиите, слабата дигитализација и ниските плати на судските службеници.

Може да ве интересира