Интервју со Дарко Тодоровски за ривалството помеѓу САД и НР Кина и неговото влијание во светот

Дарко Тодоровски е воен аналитичар и докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација

Како економската и технолошката конкуренција меѓу САД и Кина влијае врз остатокот од светот?

Тодоровски: Конкуренцијата помеѓу НР Кина и САД, кои што се двете најголеми, најдинамични и најиновативни економии во светот директно влијае врз остатокот од светот. 21 век е век на ривалството помеѓу НР Кина и САД. Како резултат на политиките на САД во последните 15 години насочени против НР Кина со цел задржување и блокирање на подемот на НР Кина, денес сме сведоци дека во светот се создадени две технолошки екосистеми, американски и кинески. Државите ширум светот ќе бидат приморани да изберат страна.

Колку и да звучи чудно, денес официјален Пекинг се залага за проширување на глобализацијата и развој на светската трговија, додека пак официјален Вашингтон се залага за изолација и регионализација.


Дали ривалството околу Тајван може да прерасне во поширок меѓународен конфликт?

Тодоровски: Официјален Пекинг постојано изјавува дека Тајван е црвената линија за НР Кина. И покрај тоа, САД под водство на Трамп продолжуваат да го продлабочуваат и расшируваат партнерството и соработката со Тајван, особено во воената сфера. Неодамнешната одлука на САД за продажба на оружје и воена опрема за 11,1 милијарди долари свесно ги влошува односите помеѓу САД и НР Кина, и го нарушуваат принципот на една Кина.

НР Кина се труди да го врати Тајван по мирен пат, но доколку е потребно, НР Кина и воено ќе интервенира. Со враќање на Тајван, НР Кина добива контрола над цела Југоисточна Азија. Околу Тајван поминуваат некои од најважните поморски рути во светот, и со нивна контрола НР Кина ќе може да ја проектира својата политика на цела Југоисточна Азија. Плус Јапонија и Јужна Кореја, чија што поморска трговија минува низ тие рути, ќе подпаднат во сферата на влијание на НР Кина.


Како трговските санкции и царините меѓу двете земји ги менуваат глобалните пазари и производството?

Тодоровски: Сведоци сме дека САД под водство на Трамп ги користат санкциите и царините за постигнување на геополитички цели. САД се обидуваат на секој начин да го блокираат и задржат технолошкиот развој на НР Кина. Но веќе е предоцна за тоа. Технолошката програма „Стратегија 2025“ ги даде своите резултати, и НР Кина денес е технолошки независна од Западот. Резултатите се видливи, ASPI Critical Technology Tracker за 2025 година покажува дека Кина е лидер во 66 од 74 клучни технологии, додека САД се лидери само во осум.

Пред некој ден во НР Кина успешно беше завршена првата фаза на проектот кој се нарекува „кинески Менхетен“. Во тајна лабораторија во Шенжен, кинеските научници изградија она што Вашингтон со години се обидуваше да го спречи: прототип на машина способна да произведува најсовремени полупроводнички чипови што ја напојуваат вештачката интелигенција, паметните телефони и оружјето што е централно за западната воена доминација.

Се работи за прва современа кинеска машина за екстремна ултравиолетова литографија или EUV која ќе и овозможи на НР Кина самостојно да произведува супер современи чипови од 2 и 3 нм. Прототипот е во фаза на тестирање, и се очекува во наредните години НР Кина да започне со сериско производство на такви машини. Тоа ќе предизвика тектонски поместувања во сферата на полупроводници, бидејќи до неодамна, само холандската компанија ASML беше способна да произведува такви машини.


Каква улога има военото присуство на САД во Пацификот во однос на растечкото влијание на Кина во регионот?

Тодоровски: Бившиот американски претседател Барак Обама уште во 2011 година во тогашната национална Стратегија за безбедност на САД „Свртување кон Азија“ и го означи Индо-Пацификот како регион од животно значење за САД. САД го зголемуваат своето воено присуство во Индо-Пацификот, пред се на островот Гуам, во Австралија, Филипините и во Јапонија, и САД се трудат преку создавање на воени сојузи АУКУС (Австралија, Велика Британија и САД) да ја блокираат поморски НР Кина, и нејзината економија која е зависна од поморските трговски рути.

Главна цел на сите тие сојузи и билатерални воени договори помеѓу САД и некои држави во Југоисточна Азија е страстешко опкружување на НР Кина, и спречување на нејзиниот развој и прогрес. Од друга страна, кинеската надворешна политика и демонстрацијата на воената моќ, успеа да ги убеди Индија, Виетнам, Јужна Кореја, Тајланд да не стапуваат во никаков сојуз кој што е насочен против НР Кина.


Колку влијание има геополитичкиот судир меѓу САД и Кина врз малите држави, особено оние во Југоисточна Азија и Европа?

Тодоровски: САД се обидуваат да ја принудат ЕУ да ја следи американската позиција во однос на НР Кина. Некои европски држави, пред се балтичките држави, Полска, Чешка но и дел од балканските држави, пред се Македонија и Црна Гора ја следат американската политика. На секој начин САД се трудат на Балканот да го блокираат кинеското присутство и влијание, изразено преку иницијативата „Еден појас, еден пат“.

САД вршат притисок врз Грција да го национализира пристаништето во Пиреја, како и да го откаже учеството во „Еден појас, еден пат“. Деновиве, САД воведоа точни санкции против кинеска компанија за производство на гуми во Србија. Таквата политика на САД на Балканот ќе продолжи, САД ќе се трудат по секоја цена во иднина да го ограничат кинеското влијание и инвестиции на Балканот.