Македонското друштво „Илинден“ од Тирана преку соопштение упати повик до припадниците на македонската заедница во Република Албанија да се самоизјаснат како Македонци, оценувајќи го моментот како клучен за заштита и афирмација на националниот, јазичниот и културниот идентитет. Во соопштението друштвото потсетува дека согласно Законот за заштита на националните малцинства во Албанија и одлуката на Советот на министри за постапките за идентификација на припадниците на малцинствата, секој граѓанин има загарантирано и неотуѓиво право на слободно самоидентификување, без притисок, закани или страв од последици.
Според македонското друштво „Илинден“, процесот на самоизјаснување претставува значаен чекор кон зачувување и зајакнување на македонскиот идентитет, подобрување на институционалната застапеност на македонската заедница, како и кон креирање поправедни државни политики засновани на реални потреби на националните малцинства. Дополнително, од друштвото нагласуваат дека точните податоци се предуслов за долгорочна поддршка и одржлив развој на македонската заедница.
МД „Илинден“ ги повикува сите Македонци во Албанија без двоумење да ги пополнат формуларите за самоидентификација и да ги достават по пошта до Комисијата за национални малцинства при Министерството за внатрешни работи. Во повикот јасно се потенцира дека процесот се темели на принципот на слободно самоизјаснување, дека личните податоци се целосно заштитени и дека не постои никаков ризик или негативна последица за граѓаните кои ќе ја изразат својата национална припадност.
Од „Илинден“ порачуваат дека самоизјаснувањето не е само законско право, туку и чин на граѓанска и национална одговорност со кој се зајакнува колективниот глас на македонската заедница и се обезбедува иднината на идните генерации.
„Заедно со храброст, свест и доверба да придонесеме за пофер, поинклузивно и подемократско општество, во кое македонскиот идентитет во Република Албанија ќе биде почитуван, признаен и поддржан“, се наведува во соопштението.


