Кинеската амбасадорка Н.Е. Џианг Сјаојен за CGTN – Македонски: Огромен е потенцијалот за продлабочување на соработката помеѓу Кина и Македонија

Кинеската амбасадорка во Македонија, Н.Е. Џианг Сјаојен, во интервју за телевизијата CGTN – Македонски ги изнесе своите приоритети и очекувања по започнувањето на нејзиниот дипломатски мандат во Скопје. Таа истакна дека во изминатиот период остварила посети на повеќе општини, меѓу кои Охрид, Куманово и Битола, како и средби со бројни македонски институции.

Според амбасадорката, ваквите контакти се важни за подобро запознавање со локалните потреби и можностите за унапредување на билатералната соработка. Таа изрази уверување дека односите меѓу двете земји ќе продолжат да се зацврстуваат во повеќе области од заемен интерес.

Џианг Сјаојен потсети дека Кина е трет најголем трговски партнер на Македонија надвор од Европа, нагласувајќи дека македонските производи бележат значителна побарувачка на кинескиот пазар. Како клучни области за идна соработка, таа ги посочи инфраструктурата и дигиталната економија, оценувајќи дека тие можат да донесат конкретни придобивки за двете земји.


Извор: CGTN – Македонски

Видеото од целото интервју на амбасадорката на НР Кина во Македонија, Н.Е. Џианг Сјаојен дадено за CGTN – Македонски со превод на македонски јазик во продолжение:



CGTN – Македонски: Денес имаме чест да разговараме со новата кинеска амбасадорка во Скопје. Ваша Екселенцијо, Ви благодарам многу за оваа топла покана.

Џианг Сјаојен: Здраво и добредојдовте во нашата амбасада. За мене е задоволство да дадам интервју за CGTN. Имате силно, повеќејазично, глобално присуство низ целиот свет. За македонската публика, секако поздравувам повеќе размени меѓу нас.


CGTN – Македонски: Почитуван амбасадор Џианг Сјаојен, најпрво сакам да Ве прашам за вашето искуство овде. Кои се вашите први впечатоци за македонскиот народ и земјата?

Џианг Сјаојен: Пристигнав во Скопје на 12 октомври, токму на датумот кога нашите земји воспоставија дипломатски односи пред 32 години. Потоа ги предадов акредитивите на претседателката Сиљановска Давкова на шести ноември, и копии од писмата на министерот Муцунски. Посетив многу истражувачки институти и универзитети, вклучувајќи го Универзитетот за информации и наука и технологија во Охрид, Универзитетот Св. Климент во Битола, и, МАНУ. Преку моите интеракции со Македонците, навистина бев длабоко импресионирана од топлината и пријателскиот однос на македонскиот народ.

Првиот впечаток е дека иако Македонија не е голема, има голем потенцијал. Нема голема популација, но е разновидна, отворена и инклузивна. Силно го потврдувам она што претседателката го спомена на нашиот состанок кога ги презентирав моите акредитиви. Таа нагласи дека Кина и Македонија имаат заеднички вредности. Се чувствувам како дома во оваа Земја на сонцето, па со нетрпение очекувам да откријам повеќе за оваа интересна земја.


CGTN – Македонски: Навистина се согласувам со вашите изјави и имаме многу сличности. Сега би сакала да ве прашам за вашата улога во дипломатијата како жена, и што ќе кажете за улогата на жените во, е, дипломатијата во иднина?

Џианг Сјаојен: Всушност, голем дел од мојата кариера е поврзана со дипломатски превод, печат и комуникација, и јавна дипломатија. Пред да дојдам овде, бев распоредена во Евроазија, ЕУ и, Латинска Америка, служејќи како портпарол на нашата мисија во ЕУ, заменик шеф на мисијата во нашата амбасада во Суринам, и, заменик генерален директор на нашиот Оддел за комуникација со печатот и јавна дипломатија. Па, во изминатите три децении од мојата кариера, сведочев како Кина се движи кон центарот на светската сцена под силното раководство на Централниот комитет на КПК со претседателот Си. Постојат познати изреки во Кина: “Жените држат половина од небото.”

Примери има насекаде. Жените сочинуваат над 40% од вкупната работна сила во Кина, над 50% од основачите на интернет стартапи, и повеќе од 60% од медалистите на последните четири Летни олимписки игри. Истото важи и за дипломатијата. Повеќе кинески жени дипломати се присутни ширум светот. За време на Глобалниот самит на жени во Пекинг, претседателот Си ги изложи кинеските предлози за зајакнување на жените во својот говор и најави серија мерки што Кина ќе ги преземе во следните пет години, вклучувајќи донација од 10 милиони долари на UN Women и квота од 100 милиони долари во Кинескиот фонд за глобален развој.


CGTN – Македонски: Секако, соработката е многу важна за градење културни мостови меѓу нациите. Според Вас, кој е најзначајниот аспект на економската соработка помеѓу Македонија и Кина?

Џианг Сјаојен: Економската и трговската соработка меѓу Кина и Македонија постигна многу рекорди. Во 2015 година, првиот електричен воз произведен во Кина беше извезен во Европа и го имаше својот успешен европски дебитантски настап во Македонија. А Скопје беше првата европска престолнина што користеше кинески автобуси за јавен градски превоз. Хидроцентралата Козјак често се нарекува македонскиот проект Три клисури.

Статистиките покажуваат дека Кина стана трет најголем трговски партнер на Македонија и продолжува да биде нејзин најголем неевропски трговски партнер. Минатиот мај, повеќе од 10 македонски компании учествуваа на саемот China CECC Expo во Нингбо, промовирајќи македонски производи на кинескиот пазар. Висококвалитетните македонски вина, мермер, тартуфи и други производи беа добро прифатени и станаа популарни на кинескиот пазар. Уверени сме дека потенцијалот на билатералната трговија ќе продолжи да расте, носејќи повеќе придобивки за нашите народи. Поздравуваме повеќе македонски производи и очекуваме зајакнување на соработката во инфраструктурата, дигиталната економија, е-трговијата и други области за корист на нашите две земји.


CGTN – Македонски: Земајќи ја предвид кинеската улога на глобалниот пазар, дали ја гледате Македонија како дестинација за кинеските инвеститори и кои сектори им се интересни?

Џианг Сјаојен: Одговорот дефинитивно е да. Како кандидат за ЕУ, Македонија се гледа како врата кон Европа, особено како транспортен и логистички центар за Балканот. Последниве години имаше големи инвестиции во Коридор 8 и Коридор 10. Кинески компании, како „Safety Systems Macedonia Dooel“ и „Staron Europe Dooel“, се етаблираа тука создавајќи илјадници работни места. Ќе ни биде драго да видиме повеќе кинески претприемачи да истражуваат бизнис можности овде. Постои и голем потенцијал во областа на обновливата енергија. Колку што разбирам, Македонија веќе го усвои новиот закон за енергија, со цел да го зголеми уделот на обновливи извори во производството на струја на 46%. Кина исто така е цврсто посветена на зелениот раст.


CGTN – Македонски: Како го замислувате идниот развој на билатералните односи меѓу двете земји во следниве неколку години?

Џианг Сјаојен: Дозволете ми да започнам со три едноставни букви, А Б В.

  • А за активен. Активно ќе ги прошириме контактите меѓу нашите народи. Последниве години сведочиме за сè подинамична соработка меѓу нашите два народа. Двајца млади македонски пингпонгари и нивниот тренер ќе одат во Ченгду, мојот роден град, и ќе тренираат со кинеските колеги за прв пат во историјата. Наскоро, кинески универзитети како Ланжоу Џјаотонг и Источнокинескиот универзитет за политички науки и право ќе ја посетат Македонија. Следната година, уметнички групи, бизнис заедници, претприемачи и експерти од Кина, како и новинари ќе ја посетат Македонија. А Кина сега го продолжи безвизниот режим за македонските граѓани за уште една година. Се надеваме дека Македонија ќе возврати и ќе олесни двонасочни посети.
  • Б за благодетно. Ќе обезбедиме заемни придобивки. Отвореноста, соработката и взаемната корист се клучни за кинеската модернизација.
  • В за воедначено. Треба да имаме воедначени политики. Но, би сакала да нагласам дека, гледајќи наназад, три децении искуство испратија јасна порака. Само со почитување на еднаквоста и поддршка во заштитата на клучните интереси, земјите може да градат стабилни односи. Принципот на една Кина е политичка основа за развој на дипломатски односи со Кина. Тоа е потврдено со Резолуцијата 2758 на ОН и широко прифатено од меѓународната заедница. Тоа е наведено и во документите што Македонија ги потпиша при воспоставувањето односи со Кина. Веруваме дека нашата земја-домаќин ќе продолжи цврсто да го почитува универзално признатиот принцип. Кина ќе продолжи да ја поддржува Македонија во заштитата на суверенитетот и достоинството, и да игра поголема улога во регионалните и меѓународните прашања.

CGTN – Македонски: Конечно, како би ја опишале вашата мисија и приоритети како кинески амбасадор во Македонија?

Џианг Сјаојен: Голема чест е да бидам назначена од нашиот претседател за амбасадор на Кина во Македонија. Приоритетите накратко се олеснување на размената меѓу луѓето и зајакнување на меѓусебното разбирање. Претседателот Си Џинпинг и претседателката Сиљановска Давкова придаваат големо значење на традиционалното пријателство меѓу нашите народи и одржуваат блиска комуникација. Тие разменија пораки и писма во многу наврати, потврдувајќи ја посветеноста за проширување на соработката и подигање на нашите односи на ново ниво. Се радувам на блиска соработка со пријатели од сите сектори во Македонија во градењето повеќе платформи за соработка, повеќе мостови за разбирање и олеснување на размената меѓу нашите народи.


CGTN – Македонски: Почитувана Амбасадорке, Џијанг Сјаојен, Многу Ви благодарам. Ми беше чест и Ви благодарам за Вашето време денес за овој плоден разговор. И целосно се согласувам со Вас дека заедно можеме да изградиме повеќе културни мостови меѓу двете земји.

Џианг Сјаојен: Благодарам. Многу ја ценам оваа можност и ми е чест да го дадам ова интервју. Се надевам на повеќе контакти и разговори со Вас во иднина.