Пратеникот Борислав Крмов на денешната собраниска седница упати процедурална забелешка до претседателот на Собранието, Африм Гаши, обвинувајќи за грубо кршење на Деловникот.
Во своето обраќање, пратеникот Борислав Крмов се повика на членот 72 од Деловникот на Собранието, кој предвидува дека законите што се доставени по петтиот работен ден во месецот можат да се разгледуваат дури на седница во наредниот месец. Според Крмов, на денешниот дневен ред биле ставени дури девет законски предлози кои пратениците ги добиле пред само неколку дена, односно по истекот на рокот утврден со Деловникот.
Крмов оцени дека со ваквата постапка се прикрива неспособноста и неажурноста на министрите во Владата, нагласувајќи дека не е задача на законодавниот дом да ги покрива пропустите на извршната власт. Тој го потсети претседателот на Собранието дека Деловникот е акт со законска сила и дека неговото непочитување претставува кршење на закон.
„Вие кршите закон само и само да покриете една неспособност и неажурност на Владата“, порача Крмов од собраниската говорница, барајќи почитување на процедурите и роковите предвидени со Деловникот.

