Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка пред седницата за негово разрешување. Владата го обвини за професионални пропусти.
Љупчо Коцевски поднесе неотповиклива оставка од функцијата републички јавен обвинител. Одлуката ја соопшти на прес-конференција во Обвинителството, а во писмена форма веќе ја испратил до надлежните институции.
„Заминувам со гордо крената глава, но и со разочараност поради очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“, рече тој.
Оставката доаѓа во пресрет на собраниската седница на која како точка на дневен ред е предлогот на Владата за негово разрешување. Постапката за разрешување беше иницирана на владина седница на 9 декември.
Зошто Владата бараше разрешување?
Според образложението, Коцевски направил крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство, што довело до нарушување на неговата ефикасност и функционалност.
Во документите е наведено дека со „Задолжителното упатство“ од 30 јуни 2024 година, Коцевски наводно ги пречекорил своите надлежности. „Одредбите во упатството за споделување податоци за тековни предмети ги ограничуваат законските овластувања на вишите јавни обвинители и ги прекршуваат принципите на хиерархија, субординација и самостојност“, се вели во образложението.
Дополнително, се наведува дека Коцевски дозволил изнесување информации за судски предмети од Јавното обвинителство, без да преземе мерки. „Како последица на сторените повреди е нарушена функционалноста на институцијата и сериозно е нарушен нејзиниот интегритет“, изјави владината портпаролка Марија Митева минатиот вторник.
Извор: Дојче Веле

