Во Културно-информативниот центар – Скопје, на 17 декември (среда) со почеток во 12:00 часот, ќе се одржи промоција на веб-страницата „Инвентар на средновековни цркви во скопскиот регион“.
Настанот е во организација на Здружението на граѓани „Македонида“, а како промотори ќе учествуваат д-р Панче Велков, проф. д-р Елизабета Димитрова, м-р Владимир Таневски и Гордана Велков.
Проектот „Инвентар на средновековни цркви во скопскиот регион“ претставува продолжение на проектот „Регистар на средновековни цркви во Охрид и Охридско“, кој беше успешно завршен во 2024 година. Основна цел на проектот е популаризација и презентација на средновековното културно наследство пред пошироката јавност, како и неговата едукативна валоризација преку обезбедување релевантни информации за средновековните цркви и манастири во скопскиот регион.
Хронолошки, опфатените цркви датираат од XII до средината на XVI век, а во рамките на проектот се обработени вкупно 16 цркви. Реализацијата се одвиваше во две фази. Првата фаза беше насочена кон прибирање и анализа на постојната научна и стручна литература, при што беше утврдено дека за дел од црквите постои недостиг од истражувања. Втората фаза ги опфати теренските активности, изработката на текстовите и креирањето на самата веб-страница.
Реализаторите на проектот изразуваат благодарност за финансиската поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Македонија, како и благодарност до Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, односно Скопската Православна Епархија. Дополнителна благодарност е упатена и до компанијата „Вендор“, која ја изработи веб-страницата.
Се очекува во иднина проектот да продолжи со понатамошен развој, превод на странски јазици и негово проширување на сите региони и епархии на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

