Советничката Станкоска со прашање до Орце: Дали еден стан од 30 квадрати е целата грижа на власта за жените жртви

На денешната седница, Град Скопје предложи да се реши сместувањето на жртвите на семејно насилство со еден единствен стан од 30 м², кој наводно е „сè што градот има на располагање“. Оваа предлог-одлука предвидува токму тој мал, единствен стан да стане новиот простор за најранливите жени во градот.

Советничката на Левица, Евгенија Станкоска, остро укажа дека вакво „решение“ е симптом на подлабок системски хаос.

Град Скопје нема извршено попис на сопствениот недвижен имот – не постои јасна евиденција што поседува градот, во каква состојба е имотот, колку објекти стојат празни, неискористени или пропаѓаат.

А кога институцијата не знае што има, секогаш се прогласува дека „може“ само најмалку – на штета на најранливите.

Станкоска оцени дека понудениот стан не претставува решение за овој сериозен проблем, туку понижувачки и импровизиран обид да се создаде впечаток дека проблемот се решава. Таа истакна дека жртвите на семејно насилство не смеат да се третираат како ПР-позадина, туку како сериозна обврска која бара системски пристап и одговорно управување со градскиот имот.

Посочуваме дека секоја година во Македонија стотици жени пријавуваат семејно насилство, а земјата веќе брои повеќе случаи на фемицид кои остануваат како траен доказ за институционалниот неуспех да се спречи ескалацијата на насилството. Во такви услови, Левица одамна предложи законски измени семејното насилство да се гони по службена должност, со што би се спречил притисокот врз жртвите да го повлекуваат пријавувањето и би се обезбедила проактивна државна заштита – но мнозинството во Собранието, предводено од ДПМНЕ, го одби овој предлог. Станкоска нагласи дека токму ова одбивање е доказ дека властите не се подготвени за суштински мерки, туку остануваат на симболични гестови кои не ја менуваат реалноста на жените кои живеат под закана, овјавија од Левица.

Може да ве интересира