Советничка од Левица обвинува за селективна исплата на ваучери за новороденчиња во Кисела Вода

Советничката од Левица во општина Кисела Вода, Маја Дургутова, обвини дека локалната власт направила селекција при исплатата на ваучерите за новороденчиња, што, според неа, создало револт и чувство на неправда кај дел од родителите.

Нејзината реакција следуваше откако градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска на својот профил на Фејсбук објави дека се доделени ваучери во износ од 12.000 денари и дека се исплатени за „останатите новороденчиња од претходните месеци“, додека преостанатите исплати ќе се регулирале по изборниот процес.

Дургутова јавно праша „како е направена селекцијата за исплата“, тврдејќи дека до неа стигнале бројни поплаки од мајки на чии деца, иако имаат право, „не им биле исплатени ниту доделени ваучери“.

Според нејзините наводи, дел од мајките кои ја контактирале имаат бебиња од околу 8 месеци, „кои ниту добиле ваучер, ниту пакет со основни производи“, додека паралелно биле објавувани фотографии од доделување ваучери на деца кои, според неа, „се видно помлади“ од тие на родителите што се пожалиле.

Таа повика на прекин на, како што наведе, „практиките на индивидуална селекција“, и потенцира дека исплатата мора да биде еднаква за сите родители со законско право.

Може да ве интересира