На 20 декември 2025, со почеток од 19:30 часот во Филхармонија, скопскиот културен и музички живот ќе биде збогатен со едно ориентално, фолклорно, и емотивно патување изведено од моќниот вокал на македонската вокалистка Зарина Првасевда.
На концертот Зарина Првасевда ќе го претстави својот проект насловен „КАДИФЕНО“, а за дополнителната магија на вечерта ќе се погрижат врвни музичари. За прв пат во Скопје пристигнува еден од најголемите мајстори на фретлес-гитарата, турскиот виртуоз Џенк Ердоган, како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, уметници чија маестралност го освојува светот. На сцената ќе им се придружат и врвните македонски музичари Андреа Мирчевска и Тони Арслан, создавајќи единствено, кадифено и длабоко музичко доживување.
„Во деновите кога годината тивко се затвора зад нас, почувствував силна желба да создадам едно КАДИФЕНО место — меко, топло, свилено по чувство — каде што сите заедно ќе здивнеме, ќе се стоплиме, ќе заокружиме сè што веќе не ни служи, а од убавото ќе понесеме искри за во новата година. Место каде што музиката ќе ни ги отвори срцата — нежно, искрено, човечки, изјави по повод концертот, Првасевда.

