Јанков: Казнуваме за лош дизајн – лечиме рак со фластер

  • Став на Андреа Јанков.

Денес се тестираше Безбеден град, или автоматскиот систем за изрекување на сообраќајни прекршоци и казни. Првиот ден се шпекулира за фрапантна бројка од 65.000 прекршоците, односно практично на секое второ возило во Скопје. И доаѓаме до српската крилатица: “чиме се паметан стиди, тиме се будала поноси”…

Воведувањето автоматизирани казни преку камери не може да ја подобри безбедноста, ако основното сообраќајно решение е погрешно. На повеќе булевари во Скопје, лентите се широки 3.50-3.75 m, геометрија што природно поттикнува брзини од 70+ km/h. Ограничувањето е 50 km/h, но улицата физички на психата на возачот му комуницира друга брзина.

За урбана зона со 50 km/h, стандардната ширина на лента треба да биде 2.75-3.00 m. Овој профил го стабилизира однесувањето на возачите и ја намалува потребата за казнување. Камерите во спротивно само регистрираат симптом на погрешен дизајн.

Протокот дополнително е нарушен поради:

  • крстосници со застарена организација,
  • ленти без јасни свртувања,
  • несинхронизирани семафори,
  • нерамномерни профили на делници.

Овде казната нема никакво корективно влијание, потребни се функционални интервенции. Подобрувања што реално го зголемуваат протокот:

Кружни текови наместо семафори на крстосници со умерен и нерамномерен проток, го скратуваат времето на чекање.

Пешачки мостови или подземни премини на точки со голем пешачки тек, ги раздвојуваат конфликтните зони и го стабилизираат протокот без да се наруши безбедноста.

Семафори на копче за пешаци на секундарни улици, пешакот добива приоритет кога реално има потреба, а возилата не стојат непотребно.

На овој лош сообраќаен дизајн се надоврзува и нереформираниот јавен превоз. Бавните, застарени и нефункционални автобуски линии ги тераат граѓаните да останат во автомобил, автомобилите ја гушат мрежата, а градот реагира со камери и казни наместо со подобрување на понудата.

Без корекција на ширината на лентите, модернизација на крстосниците, алтернативни пешачки решенија и функционален јавен транспорт автоматските казни се само техничка маска за слабости во планирањето.

Сообраќајното решение мора да се поправи прво. Градот мора да се планира, не да се корегира. Камерите и казните во случајов се само обичен фластер ставен на рак-рана.

Може да ве интересира