Со богата програма на културни настани, Охрид и годинава ќе го одбележи патрониот празник – 8 Декември, посветен на Свети Климент Охридски.
Чествувањата започнуваат во среда напладне со промоција на второто издание од „Охридска археолошка азбука“ од проф. д-р Антонио Јакимовски, д-р Елизабета Томевска-Илиевска, м-р Маја Јаневска и м-р Иван Малезанов. Настанот е наменет за археолошко и јазично описменување преку литература за деца и млади.
Во четврток, од 11:00 часот, во големата сала на Општина Охрид ќе се одржи промоција на книгата „Григор Прличев – вчера денес и утре“ од Милчо Јованоски и НУ Библиотека „Григор Прличев“, со промотор проф. д-р Зоран Тунтев. Потоа, во 12:00 часот во Културниот центар ќе следи јазичната работилница „Букви и зборови што создаваат светлина“, посветена на свети Климент Охридски, во организација на Кристина Дукоска.
Истата вечер, во 19:00 часот ќе започне осмодекемврискиот концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“, а во 19:30 часот свечената приредба на ООУ „Свети Климент Охридски“.
На 5 декември од 11:00 часот, во салата на Општина Охрид ќе биде промовирана книгата „Охридски летопис книга втора“ и комплетното издание на „Охридски летопис“ од проф. д-р Павле Митрески и м-р Димитар Смилески, со промотор проф. д-р Ѓорѓи Тоноски. Во 12:00 часот, во Спомен-куќата на Робевци ќе се отвори изложбата „Прстенот – симбол на завет, статус, моќ“ од етнолошката ризница на охридскиот Музеј.
Во 19:00 часот, во изложбениот салон на Центарот за култура ќе биде отворена традиционалната осмодекемвриска изложба на „Охридскиот фотоклуб“. На големата сцена во Центарот, од 20:00 часот, ќе се одржи свечената приредба на СОУ „Свети Климент Охридски“, а паралелно на плажата Кадмо ќе се одржи концертна промоција на ВИС „Билјана“ – Охрид.
Програмата продолжува на 6 декември од 18:00 часот, во Центарот за култура „Григор Прличев“, со отворањето на изложбата „365 дена творештво на бакар“ од уметницата Маја Чифлигароска и „Копер краф – MAM“. Во 19:00 часот, во Општина Охрид ќе биде прикажан краткометражниот документарен филм „Обичен херој“ од авторот и режисер Јован Цветкоски.
На 7 декември од 12:00 часот, на големата сцена на Центарот за култура ќе се одржат „Регионалните смотри на СОФАМ“, фолклорна смотра на ансамблите од Југозападниот Регион. Од 18:00 часот, во галеријата „Охридска порта Љубица“ ќе биде отворена самостојната изложба „Мечта“ од охридската уметничка Јана Маркоска-Наумовска.
Главните чествувања на празникот ќе се одржат на 8 декември. Во 10:00 часот е предвидено поклонување пред моштите на свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник. Во 11:00 часот ќе се положат цвеќиња пред споменикот во основното училиште што го носи неговото име, а напладне – пред монументалниот споменик на Градскиот плоштад, каде ќе бидат доделени награди за најдобрите поетски творби од ученичкиот литературен конкурс.
Во 18:00 часот, во Куќата на Уранија ќе биде отворена изложбата на фотографии „Охридско секојдневие“ од фотографката Нина Ангелоска.
Чествувањето ќе заврши со централната свечена академија, што ќе се одржи во 19:00 часот во црквата „Света Софија“, на која ќе бидат доделени највисоките општински награди и признанија.

