Професорката Билјана Ванковска упати јавно писмо до раководството на Факултет за филозофски науки, во кое ја одби одлуката на Комисијата за доделување плакета. Таа го нарече одликувањето „задоцнето и непристојно“, посочувајќи дека доаѓа по, како што наведе, обидот на деканот „да ја посрамоти пред колективот и јавноста“, настан што, според неа, ѝ претходел на предвременото пензионирање. Во писмото, Ванковска дополнително побара Факултетот да се воздржи од каква било комеморација во иднина, истакнувајќи дека тоа е нејзина „интимна желба“ која очекува да биде почитувана.
Моето збогување со нив:
Почитувани:
Благодарам за пораката и за одлуката на Комисијата.
Сепак, сакам да Ве информирам дека најљубезно ја одбивам како не само задоцнет чин, туку и непристоен. Откако деканот буквално се обиде да ме посрамоти пред колективот и јавноста, а со тоа и натера на предвремено пензионирање, плакетата не ми значи ништо. Дури ја сметам и за циничен гест во овој миг.
Дозволете истовремено да Ви соопштам дека моја интимна желба е Факултетот да не одржува никаква комеморација кога ќе заминам засекогаш. Се надевам ќе ја почитувате мојата желба, кога и да дојде до тој финален чин.
Поздрав
Проф. Билјана Ванковска

