Националното биро за борба против корупција на Украина (НАБУ) и Специјализираното обвинителство за борба против корупција (САПО) во петокот објавија дека спровеле претреси во просториите на Андриј Јермак, шефот на Кабинетот на претседателот на Украина.
Јермак се смета за близок соработник на претседателот Володимир Зеленски дури и пред да влезе во политиката, а исто така игра клучна улога во надворешната политика и донесувањето одлуки.
Сè уште не е познато во кој случај се спроведуваат претресите, ниту каков е статусот на шефот на претседателската канцеларија, иако претходно имаше обвинувања дека Јермак е вмешан во корупциски скандал во енергетскиот сектор што ја тресе Украина.
„НАБУ и САПО спроведуваат истражни дејствија во просториите на шефот на Кабинетот на претседателот на Украина. Истражните дејствија се одобрени и се спроведуваат како дел од истрагата. Деталите ќе бидат објавени подоцна“, соопшти прес-службата на НАБУ.
Прес-службата на САПО ја издаде истата порака.
Јермак потврди дека истражителите на НАБУ и САПО го претресуваат неговиот стан, додавајќи дека целосно соработува.
„Истражителите немаат пречки. Тие добија целосен пристап до станот, моите адвокати се на лице место и соработуваат со органите за спроведување на законот“, рече Јермак на Телеграм.

