„Хеликон пред микрофон“ – поетски настан на Институтот за класични студии

На 28 ноември 2025 (петок), со почеток во 12.00 часот, во аулата на Филозофскиот факултет во Скопје ќе се одржи поетскиот настан „ХЕЛИКОН ПРЕД МИКРОФОН: читање антички стихови и современа македонска поезија со одгласи на антиката“, во организација на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет.

Настанот е дел од серијата настани што Филозофскиот факултет ги организира по повод одбележувањето на 105-годишнината од основањето на факултетот.
На „Хеликон пред микрофон“ ќе настапат ученици од средните училишта од повеќе градови во државата (Скопје, Куманово, Делчево, Струга, Прилеп, Гевгелија, Македонска Каменица и др.). Дел од учесниците ќе настапат во живо, а дел со претходно испратена видео снимка.

Учесниците ќе читаат избрани препеви на песни од старогрчки и римски поети (Мимнерм, Солон, Теогнид, Платон, Сапфо, Архилох, Катул, Тибул, Хоратиј и др.), како и современа македонска поезија инспирирана од антиката (Блаже Конески, Ацо Шопов, Матеја Матевски, Анте Поповски, Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Богомил Ѓузел, Јован Котески и други). Целта на настанот е да ја доближи античката лирика до младата читателска публика и да покаже дека античките мотиви имаат силен оддек во македонската поетска традиција. Преку јавниот настап на учениците „Хеликон пред микрофон“ има за цел и да ги поттикне младите да ја доживеат поезијата не само како училишна лектира, туку и како живо уметничко искуство.
Настанот „Хеликон пред микрофон“ е отворен за јавноста, а сите учесници ќе добијат сертификат за учество

Може да ве интересира