Трајковски: 15 милиони евра не е успех – концесионерите вртат 750 милиони, рудното богатство заминува

Дејан Трајковски остро ја критикуваше економската оправданост на државните концесии и задолжувања. Во објава на Фејсбук, тој посочи дека државата наплатила само 15 милиони евра концесиски надоместок, додека концесионери инкасирале 750 милиони евра од продажба – 50 пати повеќе. Трајковски предупредува и дека каматите од јавниот долг ја јадат иднината, бидејќи дури и целосно државно управување со рударството не би покрило ни четвртина од годишните камати што ги плаќа Македонија.

Ни го прикажуваат како некаков голем успех тоа што државата наплатила одвај 15 милиони евра концесиски надоместок за експлоатација на минерални суровини, иако приватните концесионери оствариле приход од продажба 50 пати поголем од оваа сума, односно дури 750 милиони евра. Рударскиот отпад ни е гратис.

Да појасниме. При концесиски надоместок од 2%, надоместокот (15 милиони) е само еден 50-ти дел од приходите (750 милиони). Ако во меѓувреме е кренат надоместокот на 5%, се работи за 300 милиони евра приходи, што повторно не е малку. Од споменатите 750 милиони приходи странските приватни концесионери, воглавно од Бугарија, при профитна маржа од 10% оствариле 75 милиони нето добивка. Толку можела да оствари и нашата држава и да ги додаде во буџетот, а наместо тоа за една година изгубила рудно богатство вредно 750 милиони евра, а добила 15 милиони евра концесиски надоместок. Ете ја финансиската математика на нашите големи „експерти за економија“.

Но, дури и да стопанисувавме сами и да остваревме добивка од 75 милиони евра, тоа претставува само 25% од каматите (291 милиони евра) што секоја година ги плаќаме за нашиот бруто долг од 9,6 милијарди евра. Дури и Вардарска Долина да работи за државата и да ни носи 125 милиони евра годишен профит, не е доволно за плаќање на каматите.

Минатата година плативме 291 милиони евра камати, а годинава ќе бидат над 310 милиони евра – половина од буџетскиот дефицит. Поточно, се задолживме за да ги платиме каматите. Со други зборови, половина од новото задолжување се троши за исплата на камати, а само половина за други потреби, воглавно непродуктивни. Но и тоа ново задолжување додава нови камати!

Ова претставува уште еден потсетник дека долгот не е наивна работа, односно дури и со максимално ископување и сопствена преработка на нашето рудно богатство ние не можеме да покриеме ни 1/4 од каматите, на долг што непромислено сме го трупале заради непродуктивни цели. Најдомаќинско стопанисување не може да не спаси од недомаќински трошења, а само кредитот од 1,9 милијарди евра за брзата пруга и 600 милиони евра за пругата кон Бугарија ќе ни натовари нови 100 милиони евра камати годишно, а јавниот долг ќе вивне на 75% од БДП.

Тоа што долгот бавно расте како процент од БДП воопшто не претставува утеха, бидејќи гледаме дека ни постоечкиот долг не можеме да го намалиме, а ќе дојде ден кога ќе мораме да земаме кредити само за да ги плаќаме каматите, без да финансираме други потреби.

Дури ни сите наводни приходи од 100 милиони евра годишно од брзата пруга, што никогаш нема да ги постигнеме, без одбивање на никакви трошоци, коишто инаку изнесуваат до 98% од приходите, не се доволни да ги отплатиме тие нови камати, а камоли да ја отплатуваме главницата.

До денеска ние никогаш ништо не сме отплатиле, за што сведочи јавниот долг што постојано се зголемува. Затоа за 24 години, колку што би траела отплатата на британскиот кредит, од буџетот би морале да исплатиме, односно повторно би морале да се задолжиме за рефинансирање дури 3,5 милијарди за брзата пруга и уште 1,1 милијарди евра за пругата кон Бугарија. 4,6 милијарди евра чиста загуба, наместо профит.

Но и тоа не е сé, што би рекле во рекламите од „Топ-шоп“. Ако ја изградат брзата пруга покрај Вардар, ќе ја запечатат судбината на Вардарска Долина, односно нашата можност да оствариме профит и да обезбедиме евтина електрична енергија од обновливи извори за населението и енергетска независност.

Ете до таму ќе не доведе оваа расипничка и штеточинска власт која не вложува во профитабилни проекти, на пример енергетика и рударство, а вложува во губитни, како што се автопатиштата и пругите. Изгледа како да се поставени тука за да доупропастат сé, да нé направат зависни од увоз и откуп на скапа струја од приватници и да нé дозаглават во кредити. Едноставно ни ја уништуваат иднината на секој чекор, истовремено лажејќи нé дека се грижат за државата.

Претходните генерации кои мислеле на иднината и правеле физибилити студии за Вардарска Долина и слични проекти, сега би рекле: „Да знаевме дека ќе излезете вакви изроди, подобро да ве и.д.кавме на камен“ (Горан Стефановски во „Диво месо“).

Дали овој заспан народ конечно ќе се разбуди, ќе ги отстрани овие штеточини на избори, ќе избере домаќини да ја водат државата или пак не заслужува да има своја држава? Сепак, промените не се случуваат со седење дома на денот на изборите, напиша Трајковски на својот фејсбук профил.

Може да ве интересира