Захарова: Западот заборави дека насилно ги прекрои границите на Србија – ставовите на ЕУ се апсурдни и контрадикторни

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, остро ги критикуваше условите на Европската Унија за постигнување мир во Украина, нарекувајќи ги контрадикторни и апсурдни. Во изјава пренесена од РТС, таа обвини дека западните држави „насилно ги прекроиле границите на Србија“, иако денес тврдат дека границите не смеат да се менуваат со сила.

Захарова, преку својот канал на Телеграм, истакна дека токму земјите од ЕУ го прекршиле овој принцип со признавањето на Косово. „Западот прогласи и со сила спроведе еднострано прекројување на границите на Србија, спротивно на волјата на српскиот народ“, напиша таа.

Таа оцени дека ставот на ЕУ – Украина да не ги ограничува вооружените сили – претставува мешање во сувереното право на земјата да одлучува за сопствениот одбранбен капацитет, потсетувајќи дека Германија прифатила слични ограничувања по Втората светска војна.

Захарова ја оспори и тезата дека ЕУ има „централна улога“ во обезбедување мир, прашувајќи кога точно Унијата придонела за стабилизација. Дополнително, таа го нарече „најапсурдно“ тврдењето дека Украина избрала европска иднина, потсетувајќи на одлуката на Виктор Јанукович да го суспендира договорот за интеграција, што според неа довело до „уште еден Мајдан“ и „неуставен пуч“ во 2014 година.

Европската комисија претходно соопшти дека ЕУ се противи на промени на украинските граници и не поддржува мерки што би ја ослабеле украинската армија.

Од Кремљ повторија дека Русија останува подготвена за преговори, засновани врз ставовите договорени на средбата Путин–Трамп во Анкориџ.

Може да ве интересира