Станкоска: Жртвите на семејно насилство се задолжуваат за да преживеат – државата ги остава без финансиска и станбена сигурност

Според најновото истражување на Здружението ЕСЕ, над 90% од жените кои избегале од семејно насилство биле принудени да земаат кредити или позајмици за да опстанат. Советничката од Левица, Евгенија Станкоска, предупредува дека ваквите податоци се доказ за целосен институционален колапс – државата и локалните власти не обезбедуваат ниту минимална финансиска, ниту станбена заштита за жртвите. Таа посочува дека Скопје, со речиси еден милион жители, има само едно засолниште со ограничен капацитет, што ги остава жените без реална можност за излез од насилството.

Според најновото истражување на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕСЕ, над 90% од жените кои побегнале од насилство морале да земат кредити или позајмици за да преживеат. Тоа значи едно: државата и локалните власти не обезбедуваат услови за реална финансиска и станбена сигурност на жртвите – кои на крај, плаќаат за туѓото насилство.

Во Скопје, град со речиси еден милион жители, има едно (1) засолниште. Со неколку спални соби. Тоа е целата „заштита“ што ја нудиме.

Во меѓувреме, скопските кирии не престануваат да растат и би имал среќа да најдеш еднособен стан за 300 евра. А ако имаш среќа, ќе земаш просечна плата од околу 40000 илјади денари – а не минимална од околу 20000. И во секој случај, ќе немаш доволно да избегаш од една пеколна ситуација.

Под вакви услови, што да плати прво жртвата – безбедност или сметки?

Каква е таа лична слобода без економска слобода? Каква заштита нудиме, ако жените немаат каде да одат? Уште колку фемициди ќе чекаме да се случат пред да почнеме да го лечиме проблемот од корен?

И тука е суштината: кај нас со децении владее истата десничарска „филозофија“ – секој сам си ја гради судбината, секој може да се извлече ако е доволно упорен, државата нема обврска да ти помага. Тоа е истата логика која вели дека сиромаштијата е „личен проблем“, а не резултат на систем што намерно ги оставил најранливите без поддршка.

И да, Град Скопје има законска можност да гради нови засолништа.

Може да одвои буџет, да реновира простор, да создаде капацитети.

Потребна е само политичка волја.

Сè додека имаме едно засолниште за милионски град и држава што мисли дека жените треба сами да се снаоѓаат, насилството ќе продолжи да произведува сиромаштија, а сиромаштијата ќе произведува уште насилство.

Може да ве интересира