Почетокот на 70. седница на Собранието беше одложен за еден час, откако пратеникот од Левица, Борислав Крмов, побара пауза по процедурална забелешка.
Крмов реагираше поради тоа што Предлог-законот за измени на Изборниот законик, поднесен од Левица пред два месеца, не е ставен на дневен ред. Истовремено, тој повторно го побара и извештајот за патните трошоци на пратениците.
„Поднесовме итни измени на Изборниот законик пред два месеца. Зошто го прекршивте Деловникот и не свикавте итна седница или барем зошто не го ставивте на дневен ред?“ праша Крмов.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одговори дека предлогот се однесувал на локалните избори од 19 октомври, „кои веќе поминаа“, поради што според него „нема никаква логика сега да се разгледува“.
„На првата координација на која учествувавте и вие, рековме дека треба сите да отвориме дијалог за изработка на нов Изборен законик, што ќе почне веднаш и ќе го донесеме заедно“, истакна Гаши.
Крмов возврати дека, без оглед на исходот на изборите, претседателот на Собранието бил должен согласно Деловникот да го стави предлогот на седница.
Пред формалниот почеток на 70. седница, премиерот и министрите треба да одговараат два часа на прашања поставени од опозициските пратеници.
На дневен ред на седницата се најдоа: верификација на пратенички мандати, предлог за именување член на Фискалниот совет, како и избор на членови на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност.

