Помен на загинатите Македонци мобилизирани во српската војска за време на Првата светска војна

Денес, во организација на Македонското здружение “Кочо Рацин“ од Белград и Македонската заедница во Србија, во соработка со градската општина Костолац, се организира традиционалното чествување за загинатите Македонци од Вториот вардарски батаљон, мобилизирани во Српската војска за време на Првата светска војна 1914-1918 година.

Македонското здружение “Кочо Рацин“ од Белград веќе неколку години ја продолжува традицијата на Здружението на Македонците од Браничевскиот округ “Македонија“ со седиште во Пожаревац кое ова чествување го одбележува од 1999 година.

Традиционалното чествување се одржа во дворот на црквата “Свети Георгија“ во селото Стари Костолац, до Пожаревац, изградена во 1832 година, пред спомен-плочата на загинатите Македонци од Вардарскиот дел на Македонија.

Пригодно обраќање пред спомен-обележјето во дворот на црквата “Свети Георгија“ одржаа претседателката на Македонското здружение “Кочо Рацин” во Белград, Лидија Демниева, координаторот на Светскиот Македонски Конгрес за Белград и Северна Србија Јане Трендафиловски и д-р Гордан Бојковиќ.

Поздравна телеграма до присутните упати претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, која ја прочита координаторот на Светскиот Македонски Конгрес за Белград и Северна Србија Јане Трендафиловски.

На традиционалното чествување свежо цвеќе на спомен-плочата положија делегации на Македонското здружение “Кочо Рацин“ од Белград, младите Македонци од Македонското здружение “Кочо Рацин“ од Белград, Здружението на Македонците од Браничевскиот округ “Македонија“ од Пожаревац, македонската амбасада во Белград, делегација на партијата ЛЕВИЦА од Македонија, Светскиот Македонски Конгрес и општина Костолац.

Станува збор за мобилизирани 1.300 Македонци од окупираниот дел на Македонија под Србија во Првата Светска Војна, од Тетово, Гостивар, Куманово, Крива Паланка и Кратово, кои учествувале во четири важни битки на почетокот на Првата Светска Војна што Српската војска ги водела со Австро-Унгарската и Германската армија. Во првата голема битка на октомври 27 октомври 1914 година, околу 850 војници Македонци го одбраниле Смедерево од Австро-Унгарската армија, која имала околу илјада загинати и две илјади заробени војници. Потоа, следувала повеќедневна битка кај Гроцка на 24 ноември 1914 година, каде што се бранел Белград. Борбата кај Гроцка траела неколку дена, со многу жртви од двете страни, ама на крајот победа извојува Вардарскиот батаљон. Во двете битки загинале 473 војници Македонци. Најтешката и најкрвавата битка овој батаљон ја водел кај Стари Костолац на 6 октомври 1915 година против единиците на германската армија предводена од фердмаршалот Август фон Мекензи, во која херојски загинале 627 Македонци војници. Македонците, односно Вардарците како Србите тогаш ги нарекувале, одиграле клучен пресврт во Колубарската битка, каде во нерамна борба со обични пушки репетирки ги нападнале далеку побројните австро-унгарци, кои во паника, после префрлувањето на десната страна на Дунав, со големи загуби, се предале. Во оваа битка Србија ја порази Австро-Унгарија. По овие битки од Вардарскиот батаљон останале околу двеста борци кои ја штителе Српската војска при нејзиното повлекување кон Косово и Албанија. Кога стасале во Пеќ, живи биле само шеесетина војници Македонци, кои со Српската војска се повлекле преку албанските планини, затоа што австриските и бугарските сили им ја пресекле отстапница, па морале да одат преку албанските планини Проклетие. На крајот, во Скадар стигнале само петмина војници Македонци. Од околу 1.300 војници Македонци во овој батаљон, колку што биле мобилизирани од Македонија, загинале речиси сите 1.295. Ги оставија своите млади животи далеку од нивните родни места, далеку од Македонија…

Настаните од 1915 година трајно се врежани во меморијата на жителите на Стари Костолац, Петка и Нови Костолац и на Македонците во Србија!

И во селото Петка, местото каде што една година за време на Првата светска војна престојувале македонските војници од Вардарскиот батаљон, на споменикот подигнат во нивна чест, Македонците исто така положија свежо цвеќе и одадоа помен за нивната херојска смрт. Македонците беа срдечно пречекани од претставници на Месната заедница Петка кои со задоволство го поддржаа барањето да биде изграден споменик на кој на македонски и на српски јазик ќе биде напишано дека тука почиваат моштите на загинатите Македонци од Вториот Вардарски батаљон при Српската војска во Првата светска војна 1914-1918 година.

По патот на Македонците од Вардарскиот дел на Македонија, од селото Петка кон Смедерево тргнува и марш “По трагите на Вардарците“ како помен и спомен за загинатите Македонци во Србија, што граѓаните на Смедерево преку своето Здружение на потомците на војниците 1912-1918 година, со Здружението на Македонците “Македонија“ од Пожаревац секоја година го организираат.

Денот на погибијата на македонските војници од година во година се одбележува се’ помасовно. Најголема заслуга за тоа имаат Македонското здружение “Кочо Рацин“ од Белград и Здружението на Македонците од Браничевскиот округ “Македонија“ од Пожаревац.

Во прилог на одбележувањето на настанот, Гојко Илиевски во 2014 година ја издаде и книгата “Вардарци, почивајте во мир“, како сведоштво за историјата која на просторите во Смедерево, Гроцка и Костолачка Коса со своите животи ја испишаа мобилизираните Македонци од Вардарскиот дел на Македонија во Вториот вардарски батаљон, за време на одбраната на Србија во Првата светска војна против Австро-Унгарската армија.

Градската општина Костолац, на барање на покојниот Гојко Илиевски, претседател на Здружението на Македонците од Браничевскиот округ “Македонија“ од Пожаревац на 28 јануари 2015 година донесе Одлука за изградба на Спомен обележје на загинатите Македонци во Првата Светска Војна 1914-1915 година, мобилизирани во Српската војска против Австро-Унгарија и Германија. Идејното решение е изготвено.

– Бараме споменик за паднатите Македонци во Првата светска војна во село Петка и спомен-плоча во дворот на црквата “Свети Георгија“ во село Стари Костолац. Во дворот на црквата “Свети Георгија“ во Стари Костолац има спомен плоча, во село Петка има споменик, за жртвите од борбите на Српската војска со Австро-Унгарската и Германската Армија, на кои загинатите Македонци од Вториот вардарски батаљон, именувани се за Вардарци, од времето кога Македонија била под српска окупација. Таа неправда после децении, сакаме да биде исправена. Имаме идејно решение за споменик на кое на македонски и на српски јазик ќе биде напишано дека тука почиваат моштите на загинатите Македонци од Вториот вардарски батаљон при Српската војска во Првата светска војна 1914-1918 година. Во 2023 одина, Македонското здружение “Кочо Рацин“ од Белград и Светскиот Македонски Конгрес поднесоа барање до претседателот на Република Србија Александар Вучиќ, до премиерката на Република Србија Ана Брнабиќ и до Министерството за култура на Србија. Добивме одговор од Министерството за труд и социјални работи – сектор за боречки прашања дека со задоволство ја поддржуваат иницијативата со која се негуваат сеќавањата за жртвите од Првата светска војна, но дека немаат планирано средства за оваа намена во буџетот за 2023 година, со надеж дека нашата иницијатива ќе се реализира, – изјави Лидија Демниева, претседател на Македонското здружение “Кочо Рацин“ од Белград за медиумите од Србија и Македонија.

Пред чествувањето во дворот на црквата “Свети Георгија“ во Стари Костолац, прием за Македонците организира градоначалникот на градската општина Костолац Серџо Крстаноски, чии родители се по потекло од Пробиштип и Кичево, од Македонија. Присутните иницираа на осветувањето на Споменикот да биде одржана заедничка панихида во сослужение на Неговата Светост г.г. Порфирије поглавар на Српската Православна Црква – Печка Патријаршија и Неговото Блаженство г.г. Стефан поглавар на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, која градоначалникот безрезервно ја поддржа.

Македонците на враќање кон Белград го посетија Музејот во градот Пожаревац и Галеријата Барили, како и Ергелата Љубичево.

Вечна им слава на Македонците од Вардарскиот батаљон и Господ Бог нека им дарува на нивните души Царство небесно каде што почиваат душите на праведниците. Амин.