Иако Владата го промовира новиот Буџет за 2026 година како „развоен“, економистот Марјан Димитриев остро реагира дека зад политичката реторика се крие потрошувачки модел кој не создава економски раст, туку нови долгови. Според него, Македонија со ваков буџет не гради развој, туку само купува краткорочен социјален мир.
Ги слушам деновиве политичарите од Власта како се фалат со новиот предлог Буџет за 2026 како бил РАЗВОЕН.
Па ајде да видиме дали навистина е развоен?
Според структурата на расходите, капиталните инвестиции се планирани на само 9,7% од вкупните буџетски трошоци. Тоа е далеку под прагот за развоен буџет.
Ако капиталните расходи се под 15%, буџетот се смета за потрошувачки, ако се помеѓу 15 и 25% може да се каже дека е умерено развоен и само над 25% зборуваме за вистински развоен буџет ориентиран кон инвестиции и раст.
Уште попроблематично е што растот на Буџетот е базиран на зголемување на јавната потрошувачка која секогаш носи ризик за економијата, особено за мали и отворени економии како македонската. Кога државата ја зголемува потрошувачката без реален раст на производството и извозот, таа само го зголемува буџетскиот дефицит и јавниот долг. Тоа создава краткорочен ефект на „вештачка стабилност“ и изгледа како економијата да расте но всушност расте само потрошувачката. Ваквиот модел е неодржлив а еве и зашто:
Државата се задолжува со околу 31% од вкупните приходи (116 милијади од 374 милијарди денари). Тоа е огромна зависност од нов долг, со други зборови, секој трет денар во буџетот доаѓа преку задолжување.
Истовремено, за отплата на стари долгови одат 77 милијарди денари, што е околу 19% од сите расходи. Тоа значи дека речиси секој петти потрошен денар оди само за враќање долгови, а не за развој или подобрување на животниот стандард.
На крај, со ваков буџет државата не гради развој туку само купува социјален мир и ништо повеќе од тоа, напиша Димитриев на својот Фејсбук профил.

