Студентите сместени во домот „Браќа Миладиновци“ во Штип повторно излегоа со предупредување за недостоинствените услови во кои живеат, барајќи итна реакција од надлежните институции.
Според информациите што ги објави платформата „Студентарија“, студентите целиот изминат викенд биле оставени само со конзервирана храна, две паштети, две конзерви месен нарезок, едно чоколадо и еден кроасан. Тоа, велат, бил единствениот оброк за два дена, бидејќи кујната во домот не работи за време на викендите.
„Ваквата исхрана е понижувачка и нездрава. Ние сме студенти, не затвореници“, реагираат тие, додавајќи дека и во текот на неделата оброците се еднолични и нутритивно сиромашни, без салата, овошје или други додатоци.
Покрај проблемите со исхраната, условите во бањите се алармантни за 130 студенти функционираат само две туш кабини, додека дел од тоалетите се нефункционални или во лоша состојба.
Студентите апелираат дека не бараат луксуз, туку минимални услови за достоинствен живот и учење: редовно одржување на санитарните простории, подобра и разновидна исхрана и функционални заеднички простории.
„Нашиот дом треба да биде место за живеење и студирање, а не за борба со основните потреби“, порачуваат студентите од штипскиот дом, надевајќи се дека јавноста и институциите конечно ќе реагираат.

