„Коцка по коцка квадрат“ од Валентина Илијевска вечерва во КИЦ

Продажен ликовен салон,
Вечерва (11 ноември 2025), со почеток од 20 часот во продажниот салон во Културно-информативниот центар во Скопје ќе биде отворена изложбата на слики „Коцка по коцка квадрат“ од Валентина Илијевска.

Најновиот ликовен опус на академската уметница Валентина Илијевска, со наслов „Принцип на квадрат“, како тема го издигнува на пиедесталот синото присуство на квадратот. Квадратот како облик и форма со децении е присутен во делата на многуте уметници, воедно и носител на различни содржински значења.
Најпознато дело кое оваа форма ќе ја ослободи од сите предметни и психолошки асоцијации и со неа ќе отвори едно ново поглавје во модернате е „Црниот квадрат“ на рускиот сликар и теоретичар Казимир Маљевиќ од 1915 година. Во него квадратот е творба на интуитивниот ум, местото на неговото раѓање е во полето на интуитивното, концептуалното мисловно делување, во доменот на чувствата, мислата и идејата.
Илијевска преку симболот на квадратот ја вообличува основната идеја која е продолжение на досегашниот нејзин концепт, базиран на филозофски студии за прапочетоците на човековото постоење и опстојување. Суштината на човековите вредности и божествената природа на човекот, изразени преку апстрактниот, нефигурален ликовен јазик. Ова подолготрајно истражување на квадратот како доминантен мотив, ни дава за право да речеме дека тој всушност станува „ликовен печат“, оној препознатлив елемент кој Илијевска ја издвојува како автор и ги носи главните индивидуални ликовни белези на нејзиното творештво. Во актуелната изложба, но и во повеќето нејзини изложбени претставувања („За вредностите“, „Големото сино“, „Квадратна божественост“, „Во кругот на квадратот“ и др.), креативниот склоп подразбира компонирање на силни пастуозни потези на четката со колористички интензитет и бели, најчесто необоени површини на платното. Илијевска создава ликовни целини кои зрачат со гест и експресија. Сината обоеност, квадратот и експресивните гестуални потези на четката взаемно компонираат – крстообразен симбол, кој како симбол уште при првата опсервација взаемно создаваат динамичен хроматски израз на целата композиција, означувајќи го машкиот и женскиот принцип на постоење. Во него повторно го препознаваме оној творечки импулс кој води кон знаковност или симболична знаковност на формата, во кој бојата ја има главната структурална и изразна функција. Длабокото синило на ултрамаринот визуелно зборува за проекција на мисловен автоматизам; лапис лазулитот во сите негови нијанси е трансмитер на чувствата, мислата, енергијата. Перцептивно тој е вода и воздух, море и небо. Квадратот во сите негови трансформации е симбол на земјата, и првата асоцијација на овој геометриски облик е фортификацијата, облик на утврдувањето, што асоцира на ред, стабилност и материја. Истовремено тој е и знак за синтеза на четирите елементи: вода, воздух, оган и земја; асоцира на четирите страни на светот, четирите годишни времниња; тој е архетип на редот во вселената, симбол на врската помегу човекот и божествените сили.
Драгана Спасковска, историчар на уметноста

Изложбата ќе биде отворена до 24.11.2025.

Може да ве интересира