Во Гуангдонг Сан Та Музејот за Уметност во Гуанџоу, Народна Република Кина, на 8 ноември 2025 година, беше отворена самостојната изложба „In Between“ на македонскиот уметник Иван Ивановски.
Куратор на изложбата е Александра Ацеска, а настанот е реализиран во организација на Фликер студио, Зенг Чуан, Чен Хуе Бин (Guangdong San Ta Museum of Art), со ко-организатор Жанг Веи, а изложбата е реализирана со поддршка на Министерство за Култура и Туризам на Република Македонија.
Изложбата е придружена со музиката на Андреја Салпе и Оливер Митковски (Поетроника), студиски сет специјално снимен за оваа прилика.
In Between е простор, емоционална состојба, фрагмент од време, запис на едно патување, физичко и концептуално, премин од Запад кон Исток, од една во друга реалност. Тоа е процес, транзиција во која секој чекор остава трага, што се манифестира преку делата. Тие ја рефлектираат на индивидуалната и општествената динамика, истражувајќи го менталитетот на масата и индивидуалниот ум. Иако секое дело стои самостојно – пренесувајќи различна нарација, истражувајќи идеја или шпекулирајќи со значење – нивното заедничко присуство создава сложени, испреплетени и често неочекувани резултати. Заедно, тие оформуваат повеќеслоен дискурс за перцепцијата, идентитетот и границите меѓу објективното и субјективното – вели Ивановски.

