Индиската полиција го истражува вчерашниот смртоносен бомбашки напад во Њу Делхи според строг закон за борба против тероризмот, јавуваат локалните медиуми. Досега се потврдени 12 загинати, а десетици други се повредени во експлозијата што се случила во густо населен дел од индиската престолнина.
Според индиските телевизиски канали, случајот е регистриран според Законот за спречување на незаконски активности (UAPA), закон донесен во 1967 година со цел да се спречат терористички дејствија. Министерот за внатрешни работи Амит Шах изјави во понеделникот дека „се истражуваат сите можни агли“ и дека безбедносните служби наскоро ќе излезат со конкретни резултати.
Иако причините и сторителите на нападот сè уште не се познати, индиските медиуми јавуваат дека експлозијата се случила на истиот ден кога полицијата запленила 2.900 килограми експлозив во градот Фаридабад, на околу 50 километри од Делхи. Заплената е извршена во рамки на антитерористичка операција во која учествувале полициски сили од Џаму, Кашмир и Харјана.
Двајца лица, универзитетски професор и лекар, биле уапсени во врска со откриените експлозиви. Поранешниот директор на полицијата во Џаму и Кашмир, СП Ваид, изјави дека осомничените најверојатно се поврзани со „длабоката држава“ на Пакистан, а дека експлозивот бил наменет за терористички напад.
Законот UAPA беше изменет во август 2019 година, кога индиската влада додаде одредба што дозволува поединци, а не само организации, да бидат означени како терористи.

