„Заедно“ изложба на Ивона Петрова во КИЦ


Во среда (12 ноември 2025),со почеток од 20 часот во Културно информативниот центар – Скопје, Изложбен салон Империјал 1 ќе се отвори изложбата „Заедно“ изложба на Ивона Петрова-добитник на наградата Борко Лазески за 2024.

Наградата „Борко Лазески“ која го носи името на основоположникот на современото монументално сликарство во Македонија се доделува веќе 30 години а е формирана од фамилијата на авторот и Факултетот за ликовни уметности – Скопје (ФЛУ) за најдобриот студент од сликарскиот оддел на факултетот.

За првпат добитникот на наградата ќе изложува во просториите на ЈУ КИЦ – Скопје, поранешните изложби се реализираа во просториите на ФЛУ и Музејот на град Скопје.

Мотивите за создавање на уметничко дело се брезброј. Често не целосно познати ниту за оној кој го создава, за творецот. Да, долгата историја на творење нѐ има научено како да развиваме системи и методологии за полесно анализирање и категоризирање на уметноста, вклучително и на нејзините „причини“. Но, сепак тие се само мапа за полесно снаоѓање, не и суштина или фактичка дестинација. Како што Аристотеловата категоризација на живиот свет не ја опишува магнитудата или сепството на животот, така ни теоризацијата на уметничките мотиви и практики не ја доловува нивната целост. Сепак, човечки е, а често и утилитарно, (пост-фестум) да се обидеме да рационализираме и систематизираме, особено она што е недофатливо, како творечката инспирација или ритуалот.

Минатата година ја имав честа да бидам добитник на наградата „Борко Лазески“ за инвентивни достигнувања во сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности, која подразбира органзирање на самостојна излоба во Културно информативниот центар (КИЦ), Скопје. Додека ја правев селекцијата на делата, спонтано се потсетував на процесите при создавањето на иситите, и сфатив дека за сите заеднички би бил поимот „релација“. Не велам дека тој поим рационално го избрав пред почетокот на творењето, или пак дека свесно го аплицирав низ творечкиот процес. Но, беше евидентен и во сеќавањата и во делата, пост-фестум.

На пример, како релацијата помеѓу светлото и сенката кои опишуваат форми на лицето. Или релацијата помеѓу парчињата мозаик кои во својот сооднос создаваат уникатна композиција. Или релацијата помеѓу гравитациските сили на масите и нивниот деликатен (дис)баланс. Или, конечно, гравитациската, привлечна сила која ме носи пред празното платно, исто како пред него. Релација чија големина не можам да ја разберам, но морам да ја посведочам и запишам, онака како што најдобро знам, со визуелни симболи.

„Затоа творам, за да не полудам од спротивноста на она што го чувствувам и она што го живеам. Творам да ја откријам својата ранливост од твоето отсуство. Во делата се зборовите што тишината никогаш не ни дозволи да ги искажеме. А, секој пат кога ќе го видам твоето лице, јас сум поблиску до себе си.“ – Ивона Петрова

Изложбата ќе биде отворена до 24.11.2025 година.

Може да ве интересира