- Пишува Тодоровски Дарко – Истражувач, докторант на Руската претседателска академија за национална економија и јавна администрација и воен аналитичар
Официјално, предлогот за тоа е „војна против наркокартелите“. Но наркокартелите и дрогата се само изговор за воена ескалација. Повеќе од јасно е администрацијата на Трамп веќе одлучила да нападне цели во Венецуела. Главната цел е да се отстрани Мадуро од власт. Но, со која цел? Што навистина е стратегијата на Трамп за Венецуела?
Вистинската цел и агенда – венецуелската нафта
Венецуела има најголеми докажани резерви на нафта во светот – приближно 303 милијарди барели, околу 17,5% од сите докажани резерви во светот. Повеќе од Саудијците (267 милијарди) и речиси шест пати повеќе од САД. Откако Уго Чавез дојде на власт во 1999 година, нафтената индустрија беше национализирана, а Каракас, откако го избра „погрешниот“ политички курс и се сближи со Русија, а подоцна и со НР Кина, падна во немилост на САД. Како резултат на тоа, и на жестоките санкции против нафтената индустрија на Венецуела , производството на нафта во Венецуела се намали од околу 3,2 милиони барели дневно во 1997 година на околу 1,1 милион во 2025 година.
На врвот на американската „зависност“ од нафта од Венецуела во 1996 година, таа учествуваше со околу 18% од увозот на нафта во САД – повеќе од сите земји од Персискиот Залив заедно (17%). Важноста на увозот на нафта за САД. Иако САД повторно станаа нето извозник на нафта во 2020 година по речиси 70-годишна пауза (благодарение на револуцијата на нафтени шкрилци), увозот на нафта останува значаен извор на енергија за земјата – приближно 8,4 милиони барели нафта дневно, или околу 40% од потрошувачката на нафта во САД во 2024 година. Американската нафта е лесна, а венецуелската е тешка. На американците им треба тешка нафта за да ја мешаат со својата лесна нафта за производство на различни деривати од нафтата.
Земјите од Персискиот Залив одамна престанаа да бидат главен снабдувач на нафта – нивниот удел во увозот на САД се намали од речиси 25% во 1990 година на помалку од 9% во 2024 година. Најголемите снабдувачи на нафта за САД се нејзините соседи: Канада (55% од увозот) и Мексико (7%+). Разбирливо е дека во новото глобално турбулентно време, на САД им е поудобно да купуваат нафта од своите соседи отколку да ја увезуваат преку океанот. Патем, Венецуела, и покрај санкциите (им се даваат исклучоци), продолжува да снабдува нафта на САД – околу 3% од увозот.
„Декларирани“ цели – наркокартелите како изговор за воената операција
Според Светскиот извештај за дрога објавен од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ), Венецуела не е меѓу главните добавувачи на кокаин во САД. Колумбија е на врвот на листата, по што следат Перу и Боливија. Претседателот Мадуро е обвинет за нешто друго – трговија со дрога. Вашингтон ја удвои наградата за информации што доведоа до апсењето на Мадуро ова лето, од 25 милиони долари на 50 милиони долари, што ја прави една од најголемите јавно објавени награди. Мадуро наводно врши речиси лична контрола врз криминалната група Трен де Арагва, која шверцува колумбиска дрога во САД. Сепак, според проценките на УНОДЦ, Венецуела не е ниту меѓу главните земји за транзит на кокаин. Покрај земјите производители (Колумбија и Перу), се споменува и Еквадор. А американската Администрација за борба против дрога (ДЕА) отворено признава дека приближно 90% од пратките кокаин во САД доаѓаат од Мексико преку копнената граница.
Војна против транзитните земји? Сосема е можно граничната контрола да е полесна од пребарувањето плантажи и лаборатории во колумбиската џунгла. Но, поради некоја причина, Трамп не му објавува војна на Мексико. Официјално, затоа што е главен трговски партнер – за да се избегне дестабилизирање на снабдувањето со стоки од витално значење за американскиот пазар (што, патем, не спречува трговска војна против Мексико). И исто така затоа што мексиканската влада ги задоволи желбите на Американците со распоредување трупи во пограничните области за борба против трговијата со дрога.
Освен венецуелската нафта и наркокартелите и дрогата, целта на Трамп и САД е враќање на Монро доктрината на голема врата преку елиминирање на изворот на „нестабилност“ во Латинска Америка – Мадуро, со својата екстремно левичарска агенда, им пречи на американскиот стратешки цели на континентот. Плус потиснување на НР Кина и нејзиното влијание и иницијатива “Еден појас – еден пат” на континентот.
Сето тоа го објаснува географското замаглување на фокусот на американската надворешна политика во вториот мандат на Трамп: Мексико, Канада, Русија, Иран и Венецуела? Можеби нешто за кое Американците претпочитаат да не дискутираат гласно – прераспределбата на енергетскиот пазар и енергетска блокада на НР Кина?

