- Фејсбук статус на Трајче Талевски – Пендаровски
Во најновиот Извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија, уште еднаш многу јасно стои истото: напредокот во спроведувањето на препораките за природното и културното наследство на Охридскиот Регион е недоволен. Ова не е само дипломатска забелешка – ова е аларм за градот и државата. Охрид не може да си дозволи уште една година со истите изговори. Ова веќе се гледа и на европско ниво.
Проблемите што се нотирани одамна ги знаеме:
- недоволна контрола врз урбанизмот и дивоградби
- институционална слабост и блокади меѓу централна и локална власт
- ограничена административна и инспекциска способност
- недоволно дејствување во пракса, иако законите „на хартија“ постојат
- партиска поларизација која ги кочи реформите, вклучително и тие што се поврзани со Охрид
Истото важи и за животната средина: законите се донесуваат, но не се спроведуваат. Управувањето со отпад, загадени седименти, притисоци врз крајбрежјето, непланирана урбанизација и слаб надзор – се препознаваат во Извештајот како клучни ризици за Охрид.
Европската Комисија ни вели директно: не е доволно она што се прави.
А до февруари мора да доставиме извештај до УНЕСКО за тоа што е сработено. Овој рок се ближи. И ова е последна шанса пред да немаме повеќе простор за маневар.
Што значи ова?
Државата мора јавно, транспарентно и со мерливи обврски да донесе краток, остар и реален оперативен план – не декларации. Не на хартија. Туку реални теренски, институционални, правни и извршни чекори.
Што се бара?
Итно стопирање на сите нови градби долж крајбрежјето.
Експертски, а не партиски Совет за Охридско Езеро.
Јавен, независен мониторинг и редовно објавување податоци за вода / седименти / отпад.
Охрид како стратешка државна категорија на заштита.
Директно учество на локалната заедница во донесувањето одлуки.
Охрид е симбол на Македонија. Науката, Европа, УНЕСКО, стручната јавност – сите гледаат во нас.
Ова не е повеќе само „обврска“.
Ова е последна линија на одбраната.

