Јованов: Сонот за ЕУ – реалност или утопија!?

  • Став на Тамара Јованов

Ги слушам младите во политички емисии – сонуваат сон за ЕУ, кој е многу веројатно да не го дочекаат како што си замислуваат (ЕУ како решение на нашите проблеми!?).

Младите (а богами и постарите) што посакуваат влез на Македонија во ЕУ, претпоставувам дека си замислуваат оти ќе станеме следна Словенија.

Нешто во стилот на младешка наивност “ЕУ ни дава пари, а ние брзо цветаме”.

Реалноста пак (неспремни институции, неконкурентна индустрија и слаби претпријатија, трома и преголема администрација, немање стратешки сектори кои би движеле развој, екстремна корупција во сите сфери, корумпирани политичари на власт кои докажано крадат од фондовите, слабо образование кое не вади насочени професии на пазарот итн.) наговестува дека попрво ќе го добиеме сценариото на Бугарија или Романија, само полошо.

Нешто што сметам дека по влез брзо ќе се случи – крах на огромен дел од нашите компании, уште побрза емиграција на младите, несоодветно искористени фондови, зголемување на трошоците за живот и социјални немири.

Притоа, да расчистиме – ЕУ не ни е и никогаш нема да ни биде пријател!

Инаку немаше да не’ обезличува по идентитетски прашања или да не’ труе со нивното ѓубре!

Жалам што мора да го скршам неостварениот сон за ЕУ, ама ние немаме време за сонување!

Тешката работа ќе мора да си ја завршиме сами дома, пред се’ со политичко освестување и описменување на нацијата.

А стигнати сме дотаму што и тоа мора да го правиме сами, со свој труд, оти на елитата на власт сме и’ супер и вака неписмени.

ЕУ нема да ни ги бира и промени корумпираните политичари, ниту ќе не’ спаси од непотизам, нема да ни даде нивни судии во институциите, ниту ќе дојдат тие да ни работат во фабриките!

Ако нешто може да ни биде од корист, тоа е Унија со земјите од Балканот, но земајќи предвид дека политичарите и во тие земји одработуваат за Западот, тешко да дочекаме набрзо нешто слично.

Пс. Ова не значи дека треба да се затвориме за цел свет, туку напротив, наспроти сонот за ЕУ што побрзо да почнеме да соработуваме со цел свет, а внатре да се фокусираме на унапредување на сите слаби сектори, почнувајќи со гласање за опции кои не ве лажат со оваа бајка и се покажале како некорумпирани во работењето досега.

Кои се тие – секој да си засука ракави, да следи работење во институциите, па да си мери и сече. Некогаш мора да почнеме да растеме и зрееме, да си ја вршиме нашата работа како активни граѓани, а тоа време е СЕГА.

Може да ве интересира