Владата на Соединетите Американски Држави влезе во својот 36-ти ден од „шатдаун“, што ја прави оваа блокада најдолга во американската историја.
Прекинот започна на 1 октомври, откако Конгресот не успеа да се договори за ново финансирање. Последиците се чувствуваат на сите нивоа – стотици илјади државни службеници останаа без плата, а милиони Американци без клучни јавни услуги.
Политички ќор-сокак меѓу демократите и републиканците
И покрај повеќенеделните преговори, демократите и републиканците остануваат закочени без изгледи за компромис. Сепак, некои знаци на можен пробив почнуваат да се појавуваат.
Лидерот на мнозинството во Сенатот, Џон Тјун, изјави дека неговото „чувство“ му вели дека решение е на повидок:
„Имам впечаток дека сме блиску до излез од оваа ситуација,“ рече тој.
Претходниот рекорд за најдолг шатдаун беше поставен во првиот мандат на Доналд Трамп во 2019 година, кога владата беше затворена 35 дена.
Последици врз секојдневниот живот
Со текот на времето, ефектите од прекинот стануваат сè посериозни. Илјадници федерални работници веќе пропуштија неколку плати, а воздушниот сообраќај е под зголемен ризик поради тоа што контролорите на летање и аеродромскиот персонал работат без надомест.
Министерот за транспорт, Шон Дафи, предупреди дека делови од американскиот воздушен простор можат да бидат затворени ако состојбата продолжи.
„Ако ова потрае уште една недела, ќе гледаме масовни одложувања и откажувања на летови, па дури и затворање на некои делови од воздушниот простор,“ рече Дафи.
Удар врз сиромашните и социјалните програми
Најпогодени се граѓаните со ниски приходи, кои зависат од државна поддршка.
Една од осум лица во САД добива помош преку програмата SNAP (Supplemental Nutrition Assistance Program), но финансирањето е ограничено и само дел од средствата се исплаќаат.
Првично, администрацијата на Трамп изјави дека нема да исплати средства за ноември, но суд наложи да се користат резервни фондови. Трамп потоа реагираше дека ќе ги исплати само кога демократите ќе ја „отворат владата“, додека Белата куќа тврди дека сепак ќе го почитува судскиот налог.
Неуспешни гласања и тензии во Конгресот
Сенатот предводен од Републиканците повеќепати гласа за ист краткорочен закон за финансирање, но без успех.
На последното гласање во вторникот, резултатот беше 54-44, без ниту еден демократ што се приклучи.
Демократите одбиваат да поддржат мерка што не ги продолжува субвенциите за здравствена заштита за сиромашните, обвинувајќи ги републиканците дека „ја држат владата како заложник“.
Тјун предупреди дека сегашниот предлог важи само до 21 ноември, што „веќе нема смисла“, и дека нов компромис мора да се постигне итно.
„Ако не видиме напредок до средината на неделата, тешко дека ќе завршиме нешто до петок,“ рече тој.
Можно решение пред Денот на благодарноста?
Во последните денови, умерени членови од двете партии изразија подготвеност за дијалог, со надеж дека ќе се постигне договор пред Денот на благодарноста на 27 ноември.

