Њујорк избра промена. Со убедлива поддршка и силно движење од основата, Зохран Мамдани ја освои градоначалничката функција во најголемиот американски град, носејќи со себе идеологија каква што одамна не била дел од институционалната политика на САД – социјализам на дело.
Како член на „Democratic Socialists of America“, Мамдани ја гради својата политичка платформа на јасни принципи: економска правда, достапно домување, јавен превоз за сите и достоинство за работниците. Тој отворено зборува за потребата да се „демаркетизира секојдневниот живот“, да се врати контролата над основните ресурси во рацете на луѓето, а не корпорациите.
„Њујорк ќе биде град за живеење, а не пазар за профит,“ изјави Мамдани во своето победничко обраќање пред илјадници поддржувачи во Квинс. Неговата кампања беше симбол на обнова на прогресивното движење, граѓани, синдикати, активисти и млади обединети околу идејата дека политиката треба да служи на јавниот интерес, а не на елитата.
Победата на Мамдани претставува јасен пораз на корпоративниот естаблишмент, кој со децении го контролираше градот преку врски меѓу политичари и големи бизниси. Таа исто така испраќа порака и надвор од границите на Њујорк, дека левичарските идеи не се маргинални, туку се решение за длабоките нееднаквости што ги создаде неолибералниот модел.
Сега, со градоначалник што верува во јавен добробит, а не во приватен профит, Њујорк се подготвува за експеримент без преседан во американската современа политика со социјалистички мандат во еден од најкапиталистичките градови во светот.

