- Пишува на Сабстак проф д-р Билјана Ванковска
Само неколку дена пред вториот круг на локалните избори во Македонија, сите овде се опседнати со едно прашање: кој ќе ги контролира општините — и преку нив, ќе нè контролира нас? Моќта во оваа земја тече пирамидално: од Водно (кај претседателот), до Илинденска (владата), па надолу — до секој локален совет.
Ќе ми простат локалните читатели, но нема ништо ново — ниту инспиративно — да се каже за оваа земја на длабоки поделби, каде политиката се врти околу тендери, егото, корупцијата и контролата. Македонија одамна ја изгуби визијата; стратегијата стана или заборавен поим, или злоупотребен збор. Од крајот на социјализмот, владеат дивите закони на пазарот, алчноста и зависноста — и, секако, нашите нови колонијални покровители.
И сепак, некако Македонија преживува — чудесно — на диета од заеми и долгови кои нè одржуваат на површината, но не ни дозволуваат да напредуваме. Сепак, среде таа исцрпеност, не треба да заборавиме дека сè уште постои мала искра: неочекуваниот успех на млад левичар кој стигна до вториот круг. Можеби, само можеби, тоа е почеток на нешто навистина ново.
Можеби очекувате да пишувам за Европа. Ах, поштедете ме од таа илузија. Европа што некогаш ја обожававме стана континент на деиндустријализација, страв и воена реторика. Од Венера стана Марс — живее според логиката на воено-индустрискиот комплекс. А сепак, нашата „успана убавица“ од Водно сè уште е опиена од шармот на Макроновиот дворец, иако тој одамна не сјае како порано.
Зошто тогаш Кина? Зошто, среде толкаво локално и европско распаѓање, го свртувам погледот кон Пекинг и неговиот нов петгодишен план? Затоа што, искрено, кога сè околу мене изгледа како хаос, ми треба оаза на развој, ред, хармонија и визија. Треба да се потсетам дека друг свет е можен — дека сè уште постои место каде луѓето размислуваат подалеку од следните избори, подалеку од хоризонтот на страв и популизам.
Малкумина во Македонија забележаа дека неодамна се одржа Четвртата пленарна седница на 20-тиот Централен комитет на Комунистичката партија на Кина. Но нејзиното значење е огромно: го постави темелот за 15-тиот Петгодишен план, што ќе биде финализиран во март 2026 година. За повеќето Македонци, зборовите „петгодишен план“ звучат како нешто од правлив учебник. Но за оние што го паметат социјализмот, тие носат одреден одѕив, па дури и носталгија. Тогаш државата — и, поважно, самите работници — ја планираа својата заедничка иднина преку самоуправување. Тоа беше колективна вежба во имагинација и одговорност. Да, се правеа груби грешки, некои и фатални. Но барем имаше насока.
Денес, изборните кампањи го заменија планирањето. Политиката се претвори во карневал од празни ветувања — евтини листи на желби маскирани како (краткотрајни) визии.
Во Кина е обратно. Спротивно на стереотипите, таквите пленуми не се здодевни бирократски ритуали. Тие се моменти на креативна концентрација. Нација од 1,4 милијарди луѓе го собира својот ум за да трасира пат низ несигурниот свет. Кинескиот петгодишен план не е реликвија на централното планирање — тој е жив инструмент на национална визија, постојано прилагодуван на новата реалност.
Овој пат, клучниот поим е „висококвалитетен развој“. Опсесијата со раст по секоја цена исчезнува. Новата цел е самостоен, одржлив и технолошки суверен напредок. Во свет на санкции, трговски војни и прекинати синџири на снабдување, Кина научи дека зависноста од другите е ранливост. Затоа вложува масовно во вештачка интелигенција, биотехнологија, зелени технологии и домашни иновации. Гради отпорност против глобален систем создаден за да ја држи зависна.
Водечката идеја е самодоволност и отпорност. Логиката е едноставна: никој повеќе да не може „да ни го исклучи струјното копче“.
Друг централeн столб е заедничкиот просперитет. Зборот можеби звучи старомодно, но неговото значење е длабоко: општествената стабилност зависи од правичноста. Богатството не смее да се концентрира кај малкумина; селската и градската Кина не смеат да живеат во различни векови. Намалувањето на сиромаштијата не е доволно — важно е праведното распределување, достоинството и верата во морален поредок.
А потоа доаѓа мојот омилен дел — идејата за „Убава Кина“. Не, тоа не е туристички слоган. Тоа е филозофија. Таа вели дека развојот не смее да ја уништи земјата што го храни. Замислува зелена цивилизација во која човековиот напредок и природата се развиваат заедно. Тоа е истата интуиција како кај концептот на Гаја — сознанието дека човештвото и планетата се еден жив организам.
„Убава Кина“ значи почист воздух, побезбедна храна, подобро здравје, помалку загадување и повеќе хармонија. Тоа значи цивилизација што го мери успехот не само преку БДП, туку и преку квалитетот на животот и рамнотежата меѓу човекот и природата.
А сега, погледнете нè нас на Балканот. „Висококвалитетен развој“? „Технолошка самостојност“? „Заеднички просперитет“? Звучат како утописки фантазии од некоја далечна планета. Овде, во нашиот див капитализам на кражба и привилегии, заедничкото добро не стигнува ниту на гласачкото ливче. Секое ветување завршува таму каде што почнува нечиј личен интерес.
Споредете ги трите главни града: Пекинг, Брисел и Скопје. Кина планира — со дисциплина, континуитет, претпазливост и визија. Европа дебатира — најчесто за санкции и милитаризација. Македонија импровизира — талкајќи од една криза во друга, секогаш изненадена од нешта што требаше одамна да ги предвиди.
Нашите „национални стратегии“ се пишуваат за донаторите, не за народот. Тие се документи без душа, без визија. Заборавивме дека планирањето не е контрола — тоа е надеж структуирана во времето. Без план, секоја катастрофа изгледа како судбина, секој проблем како случајност.
Во меѓувреме, нашето Скопје тоне во ѓубре, стаорци и морална распаднатост. И ние сè уште чекаме следниот градоначалник да го среди тоа за 72 часа — секако, по изборите.
Кина, со сите свои проблеми, гледа кон 2030 и вели: „Сакаме да изгледаме вака и вака.“ Можеби нема да успее во сè, но се осмелува да мисли во векови. Самото тоа е форма на убавина.
Бидејќи „Убава Кина“ не се однесува само на земјата — туку и на вербата дека иднината може да се создава, а не само да се преживува.
The Five-Year Plan of a Beautiful China by Biljana Vankovska
Read on Substack
