- Пишува Реџеп Исмаил – Хактан
Секогаш кога политичката сцена во Македонија личи на застоена вода, феноменот Левица одново ги вознемирува и двата „брега“— и врховистичко-конзервативниот предводен од ВМРО-ДПМНЕ, и либерално-НГОашкиот предводен од СДСМ.
Секој табор Левица си ја толкува низ сопствена деформација: ВМРО-ДПМНЕ како „предавничка“ и „безбожна“ затоа што Левица зборува за концептот на Македонец како за национална, а не етничка припадност и за нацијата како политички (секуларен) концепт одвоен од религијата; СДСМ и НВО-кастата пак ја доживуваат како „опасна“ и „националистичка“ затоа што ја разбира (разбираме) нацијата како историска, материјална и антиимперијалистичка категорија, а не како празна либерална декларација.
Ради пример ќе искоментирам два текста кои се појавија во текот на оваа кампања – по еден за секој од двата погоре споменати табора.
1. ВМРО-ДПМНЕ: заробени во племенската рамка
Прво се појави еден небулозен текст на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во кој тој во обид да го дискредитира претседателот на Левица, Димитар Апасиев, го обвини дека му „правел штета“ на Амар Мечиновиќ затоа што повикувал да се гласа за Македонци?! Во суштина Бране признава дека за нив „Македонец“ не е политички (национален), туку биолошки (етнички) идентитет. Во хоризонтот на ДПМНЕ, Македонија не е заедница на граѓани, туку збирштина од племиња. Таа матрица, всушност, е западниот проект на „балканизација“ – држење на народите во состојба на меѓусебна поделба преку политизација на етничките идентитети.
Левица тука го враќа автентичниот концепт на македонизмот како социјалистички и обединувачки проект, роден од партизанското движење, каде Македонец не е биолошка ознака, туку политичко определување. Амар Мециновиќ, како етнички Бошњак (ваљда, не сум го прашал, а и не ме интересира), но македонски граѓанин и левичар, го олицетворува токму тоа – нешто што ВМРО-ДПМНЕ не може ни да го сфати, а ниту да го свари.
2. СДСМ и НВО-кастата: идеолошки паразити на анационалноста
Од друга страна се појави Ирена Цветковиќ заедно со нејзината приколица на целиот тој либерален интелектуален апарат реагираат на Левица со подеднаква нервоза. Во нивната „анализа“ феноменот на Левица е сведен на формула: „и ВМРО и Левица се популисти кои се повикуваат на народот“. И токму тука се крие вистинската цел — изедначување на револтот со реакцијата, и обезвреднување на секој идеолошки обид да се создаде нова политичка основа различна од онаа нивната лузерска.
Очигледно дека за овој табор „народ“ е само празен збор што го пополнуваат политичките актери; но во реалноста, народот кај Левица не е театарска маска, туку општествен субјект – оној кој страда под неолибералните политики што тие самите ги поддржуваа три децении.
Во суштина јасно е, тагата е што Левица не е нивниот „млад СДСМ“ (СДСМ со нови некорумпирани кадри но иста (без)идологија) – не сака да ги наследи нивните фотелји, туку да го укине нивниот светоглед. Токму затоа во нивната „поддршка“ (или „ендорсмент“, како што ја викаат) се појавија дузина обиди за идеолошко кастрење на Левица: тие ја сакаат Левица без антиимперијализам, анационална, без јасен став за класата и државниот суверенитет, една „стерилна“ верзија што ќе може да се вметне во евроатлантската шема без отпор.
СРЕДБА НА ДВАТА СТРАВОВИ
Двата табора, иако навидум изгледаат како спротивставени, имаат заеднички интерес: да нема вистинска идеолошка алтернатива, а уште подорбо да нема воопшто идологија – само аморфна клиенталистичка маса. Едните се плашат дека ќе им се одземе монополот врз „нацијата/патриотизмот“, другите дека ќе им се одземе монополот врз „демократијата и социјалната правда“. И едните и другите го чувствуваат мирисот на нов политички субјект што не се вклопува во старите категории – ни риба, ни девојка.
Левица е премногу „црвена“ за ВМРО, премногу „македонска“ за НВО-либералите, премногу реална за сите кои живеат од симболи и декларации. Таа го носи непријатното сознание дека националното и социјалното одат заедно (Гоце Делчев) – и дека иднината на Македонија може да се мисли без тутори, без племиња и без империјални покровители.
Левица не е само актер во театарот создаден од овие два табора – таа е огледало што ги открива нивните стравови и непријатни вистини, и токму затоа предизвикува нервоза.

