Во пресрет на вториот круг од локалните избори, Анастас Вангели ја истакнува историската шанса која ја имаат Скопјани, а тоа е победа на Амар Мециновиќ не е чудо, туку резултат на долгогодишна желба за промена и надминување на двопартискиот монопол.
Победа на Амар во недела не би била политичко чудо. Во политиката чуда не постојат. Постојат долги процеси, кои тлеат, ферментираат, “бодат како шило,” и на крај пробиваат и го разбиваат статус квото, некогаш очекувано, а некогаш неочекувано. Во Македонија, а особено во Скопје, постои долгогодишна, децениска желба за надминување на транзицискиот бипартизам и дуопол. Неколку пати, таа желба била политички артикулирана, во протестни движења, во општествени движења, иницијативи и слично, но во моментов, таа длабока желба и тенденција, неочекувано, е најблиску што некогаш дошла до изборна победа.
Ако гледаме на долг рок, сепак, изненадувањето и не е толку големо. Победа на „некој нов“ во Скопје и Македонија неминовно ќе случи порано или подоцна. Доколку се следат трендовите во други земји, и ако се земе предвид нивото на незадоволство и желбата за подобро, всушност, во Македонија такво нешто и одамна требаше да се случи. Така што, победа на Амар, како кандидат вон Курто-Мурто системот, колку што би била почувствувана како голем потрес и прелом во првиот момент, од перспектива на долгиот историски тек, не би била историска аномалија или „чудо,“ туку еден сосем логичен развој на настаните, нормализирање на македонската политика, доаѓање на историјата на свое место. Па, кога промената е неминовна, зошто тој „киропрактички зафат“ од кој целото тело на македонската политика ќе врисне, ама и зафат со кој ќе му бидат олеснети наталожените болки, да не биде изведен баш оваа недела, на 2 ноември 2025?
Амар е тој што го прави пробивот и го трасира патот кон тоа ресетирање на македонската политика, затоа што делува со отвореност каква што до сега не сме виделе, и покажува потенцијал за обединување и заедничко делување на луѓе со различни мислења. Тоа е препознаено од народот, и за прв пат со Амар гледаме еден феномен на поддршка и препознаеност, и покрај одредени несогласувања со кандидатот или дури и конфликт со неговата партија. Тоа е демократија во најчиста форма. А тоа е така затоа што Амар, како претставник на новата генерација (која што е многу попрогресивна и поемпатична од постарата), има изразена хуманост и необременост со тоа да мора да доминира или да гази пред себе, а сепак во себе има една чаирска жилавост и нескршливост, и знае да се бори кога треба. А тоа е она што најмногу треба во град поделен, поларизиран, фрагментиран, и физички, и институционално – и душевно: комбинација на емпатија и сила. И затоа Амар проаѓа, и затоа обидот да се оцрни не успева.
Да поедноставам. Сметам дека Амар како Градоначалник би бил нешто што не сме виделе во македонската политика – иницијатор на сеопфатна голема коалиција, и нешто што ќе наликува на „експертска власт.“ Освен неговиот личен карактер, и околностите наговестуваат таков исход. Амар доаѓа од партија која нема „машинерија“ која може да го „партизира“ Градот, и за да може да управува (а не „владее“) како Градоначалник, ќе мора да гради соработка и коалиции со политички субјекти во најширока смисла на зборот. Во големата галама на предизборната кампања, Амар имаше неколку изјави, кои не сме ги чуле во македонската политика од независноста до денес: на едно ТВ интервју тој нагласи дека не се смета себе си за Супермен ниту пак за некаков си сезнајко, и дека смета дека должноста на Градоначалникот првенствено е да оствари политички услови и да стимулира паметни луѓе и професионалци непречено си ја вршат својата работа во Градот. Тоа е демонстрација на политичка зрелост на која пред овие избори не сме се ни надевале, а која сега ја имаме на гласачкото ливче, во вториот круг, на стартно-целната рамнина до победата!
Амар го доживувам како анти-теза на транзициската политика на меѓусебно ништење, локална и национална, од независноста до денес, што во суштина е, еден демократски основен разум кој насушно ни треба. Пред некој ден, медиумите го претставија Амар како „новото лице на Левица.“ Тоа е точно, но мислам дека Амар е и повеќе од тоа. Тој е „новото лице на Скопје“ и „новото лице на Македонија.“ Во мојот претходен пост, дадов поддршка, а сега, отворено повикувам не само на гласање, туку ги повикувам сите оние кои го читаат ова, да ја шират пораката помеѓу своите блиски (и далечни) роднини, пријатели, комшии, сограѓани. Пред овие избори, Амар веројатно не ни беше на радарот, ама сега кога го имаме како опција, дознаваме колку многу всушност ни бил потребен.

