Протестите против изведбите на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ во прилепското село Ореовец, крај Плетвар, добиваат сè поголем интензитет. Група локални жители и активисти кои се спротивставуваат на ископите и минирањето на трасата од Коридорот 10-д, деновиве добиле прекршочни казни од полицијата.
Според сведоштвата на активистите, полицијата им издала казни за „погрешно паркирање“ и за „неизвршување на наредба“, иако протестот бил уредно најавен.
– „‘Бехтел и Енка’ со полициска придружба влезе во ископот, ние се собравме на барикадите, а МВР ни пиша прекршочни казни за паркирање на автомобил на коловозот и за неизвршување на наредба. Протестот е најавен, па претпоставуваме дека ова е обид на полицијата да овозможи непречена работа на компанијата,“ изјави Жарко Стевановски, адвокат и локален активист, за ТВ 24.
Граѓаните, обединети околу иницијативата „Спас за Прилеп“, предупредуваат дека минирањата и експлоатацијата на каменот во близина на Ореовец можат сериозно да ги загрозат изворите на вода за пиење, од кои се снабдува селото. Тие посочуваат дека станува збор за регион со хроничен недостиг на вода, и дека секое нарушување на подземните извори може да има долгорочни последици по локалното население.
Активистите тврдат дека се соочуваат со „повторен напад од државата и ‘Бехтел и Енка’ врз Прилеп“, овојпат преку отворање на нови рудници за мермер под изговор на инфраструктурни зафати.
Протестите, кои се одржуваат речиси секојдневно, продолжуваат со барање за стопирање на ископите сè додека не се изврши целосна еколошка проценка и јавна расправа со локалното население.
Следи го Антропол преку Google 
