Апасиев: „Еве ги неоалбанистите на Мицкоски!“ – Рамадани од Хамбург бара Албанци да ги водат општините

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, остро реагираше на социјалните мрежи по обраќањето на Хаќим Рамадани, кандидат на ВЛЕН за градоначалник на Брвеница, кој од Хамбург испратил порака до порталот Инфомакс со етнички обоени изјави.

„Еве ги коалиционите партнери – неоалбанистите на Мицика и ВМРО-ДПМНЕ! Договорот им е да стават генерален секретар од ВЛЕН во Град Скопје, преку кој ќе одат сите вработувања!“, напиша Апасиев.

Според содржината на обраќањето, Рамадани потврдил дека е во Германија, каде, заедно со својот противкандидат од ДУИ, бара поддршка од дијаспората „за да го поразат Македонецот“, односно актуелниот градоначалник Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Рамадани изјавил дека „општините како Кичево, Брвеница и Тетово, каде што Албанците се мнозинство, мора да ги водат Албанци“ и дека „треба да се знае кој е газда на својата земја“. Дополнително, тој зборувал и за референдум за т.н. „Илирида“, идеја што одамна е отфрлена како сепаратистичка и дестабилизирачка.

Овие изјави предизвикаа реакции во јавноста, со оглед што кандидат за јавна функција од странство отворено користи националистичка реторика и повикува на етничка поделба.

Дополнително, како е можно кандидат кој престојува во Германија да води кампања и да не биде санкциониран од институциите, иако во своите пораки се повикува на меѓуетнички поделби и нарушување на уставниот поредок.

Според најавите, Рамадани ќе добие одговори во емисијата „Тешки муабети“ на Инфомакс, каде се очекува да ја образложи својата позиција – доколку воопшто реши да се појави и да се соочи со јавноста.

Може да ве интересира