Пајазити и Рамадани во заедничка офанзива – Заедно во дијаспората по гласови против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ

По првиот круг од локалните избори во Брвеница, политичките активности се селат надвор од земјата.

Кандидатот на ДУИ, Енвер Пајазити, кој испадна од трката, и Хаќим Рамадани од ВЛЕН, кој успеа да се пласира во вториот круг, отпатуваа заедно во Германија, Австрија и Швајцарија, каде се среќаваат со иселеници од Брвеница.

Целта на посетата е, според нивните објави, мобилизација на дијаспората за претстојното гласање на 2 ноември.

Во објава на Фејсбук, Пајазити напиша:

„Vllezërit tanë që jetojnë në Leverkusen e dhanë Besën!“
(„Браќата наши што живеат во Леверкузен го дадоа зборот!“)

Според содржината на постот, делегацијата составена од Пајазити, Рамадани, Аркин Јахији, Амир Муслији и Мумин Реџепи ги посетува македонско-албанските заедници во неколку европски градови со цел да ги охрабри гласачите од дијаспората да се вратат во Брвеница и да гласаат во вториот круг.

Во објавата е наведено и:

„Само ако сме обединети, победата е загарантирана.“

Вториот круг од изборите во Брвеница ќе се одржи на 2 ноември, кога кандидатот на ВЛЕН, Хаќим Рамадани, ќе се соочи со актуелниот градоначалник Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Може да ве интересира