Левица најавува сеопфатен проект за модернизација на јавниот превоз во главниот град, кој ќе се реализира во наредниот четиригодишен мандат, соопштија од партијата. Целта е да се обезбеди ефикасен, еколошки и побрз транспорт за граѓаните, кој ќе го поврзе целото Скопје.
Проектот предвидува комбиниран систем кој ќе ги интегрира сите делови на градот преку неколку клучни оски:
- Железничка мрежа Север–Југ: урбанизирана линија од Драчево до Скопје Север, која ќе ги поврзе северниот и јужниот дел на градот, со главните централни зони.
- Елевирана железница Исток–Запад: брза оска од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, со која се предвидува ослободување на сообраќајот на оваа линија од автобуси.
- Циркуларни електрични автобуси: кои ќе ја покријат периферијата на градот и ќе се поврзуваат со железничките линии и елевираната железница.
„Чист воздух, побрз превоз, Скопје град со визија за иднината“, посочуваат од Левица, истакнувајќи дека проектот не само што ќе го модернизира јавниот превоз, туку ќе придонесе и за подобрување на квалитетот на животот во градот.
Според Левица, овој проект претставува долгорочна стратегија за одржлив и еколошки јавен превоз, со потенцијал да ја трансформира мобилноста во главниот град и да го направи Скопје поурбан, побезбеден и почист.

